Преку интернет досега со собраа планини податоци за корисниците. Но, имињата, лажните имиња, адресите и кукијата на браусерите можат релативно лесно да се избришат или сменат. Со нашите лица ние сме бааги заглавени. Да си го промениш лицето е скапо ако е тоа воопшто можно.
Од друга страна, многумина се заинтересирани за него.
Минатото лето, тимот за вештачка интелигенција на Фејсбук соопшти дека нивниот софтвер за препознавање лица го минал тестот со прецизност каква што има и човек. Минатата недела соопштија нешто уште поголемо; дека во 83 % од случаите, нивниот софтвер и алгоритми можат да препознаат човек дури и кога неговото лице не е на фотографијата.
Постојат различни нивоа на препознавање. Од она што го имаме во смартфони што умее да познае кој дел од сликата е лице па до она што беше покажано на еден билборд во Германија кој нуди пиво само ако пред него е жена.
Една компанија тврди дека 30 цркви во светот го користат нивниот софтвер за фацијално препознавање за да бидат во тек со активностите на нивните верници. Друга компанија пак гарантира дека софтверот може веднаш да препознае веќе осудуван крадец штом тој ќе влезе во некоја продавница.
А легислативата, како и обично, каска зад технолошкиот раст. Во САД не е донесен ниеден нов закон за заштита на приватноста на потрошувачите уште од 2009-та година. Преговори за тоа дали софтверите за препознавање лица треба да бидат регулирани се водат од лани иако нив во меѓувреме ги напуштија претставниците на потрошувачите поради непопустливоста на бизнис секторот.
Првите велат дека за да нечие лице биде искористено во таков софтвер потребно е да се добие согласност од човекот. И тоа звучи како сосема добар критериум но создава практични проблеми бидејќи од друга страна постои слобода човек да фотографира што сака и кого сака на јавен простор. Дали тоа значи дека од сите што и случајно ќе влезат на некоја фотка ќе треба да се бара да пополнат формулар за согласност?
"Сосема е извесно дека масовно скенирање и препознавање лица наскоро ќе биде технолошки можно. Дали општеството е подготвено на такво нешто, тоа е друга тема", вели Алесандро Аквисти, професор на Карнеги Мелон од Питсбург.
Во меѓувреме, некои си газат. Американското Федерално истражно биро веќе има сочувано и преработено 52 милиони лица на американски државјани.