По падот на Мариопул, на Украинците им остануваат уште два големи урбани центри во Донбас: Северодонецк и Лисичанск. Првиот е на чекор од капитулација.
Откако Русите вчера го срушија и последниот мост што го поврзува Северодонецк со остатокот од Украина, се очекува дека ќе започне опсада која ќе трае колку што ќе биде потребно.
Северодонецк и Лисичанск се од стратешка важност бидејќи го поврзуваат овој дел на Донбас (составен од областите Донецк и Луганск) со другите делови на Украина. Главниот фокус е на автопатот меѓу Лисичанск и Бакхмут, кој се користи како главна линија за снабдување на украинската војска, плус за евакуација на цивили.
Со освојувањето на двата града руската армија стигнува до административните граници на Донбас. Од таму Русите би можеле да продолжат на запад кон Краматорск, кој за сега е последниот голем индустриски центар во Донбас што е под целосна контрола на Киев.
Северодонецк е прилично нов град, создаден во советско време околу фабриката за природно ѓубриво, Азот, со некои си 100.000 жители пред почетокот на војната.
Токму во Северодонецк се зачетоците на про-рускиот сепаратизам, откако во ноември 2004-та во градот беше одржан Се-украински конгрес на пратеници на сите нивоа, на кој главно учествуваат претставници од про-руската Партија на регионите формирана во Донбас.
Во време на портокаловата револуција, истата оваа партија се закани дека ќе прогласи автономија на регионите под нејзина власт, во која Харков ќе биде престолнина, и ќе вклучува 8 украински региони плус Крим и Севастопол.
Во 2014, за време на првата руска инвазија и освојување на Крим, про-руски сепаратисти го освојуваат и Северодонецк, меѓутоа по некое време тие се протерани од таму од украинската армија. Во 2022 тие се враќаат назад повторно да се обидат да го освојат градот.