Светската здравствена организација за прв пат идната година ќе ја вклучи зависноста од видео игрите како причина за нарушување на ментално здравје. Прирачникот за дијагнози „Меѓународна класификација на болести“ на СЗО последен пат беше ажуриран пред 27 години. Во 11-то издание кое што излегува наредната година, Светската здравствена организација го вклучува растројството од игри во листата на ментални здравствени состојби.
Ова нарушување се карактеризира со „влошена (намалена) контрола“, давањето приоритет на игрите и ескалирање на состојбата и покрај негативните последици.
За да се постави оваа дијагноза мора да биде „евидентно во период од најмалку 12 месеци“, пишува во нацрт упатствата. Меѓутоа, доколку симптомите се сериозни и се исполнети сите барања, здравствените работници може да дадат дијагноза и за оние кои играле пократок временски период.
Григориј Хартл, портпарол на СЗО, вели дека дијагнозата „вклучува само клинички опис, но не и опции за превенција и третман“.
Постојната верзија на МКБ беше усвоена во мај 1990 година и во моментов се користи од повеќе од 100 земји низ светот.
Крис Фергусон, професор по психологија на Универзитетот Стетсон во Флорида го опишува МКБ како „книга на вистински болести за кои може да добиете надомест од осигурувањето".
„Луѓето кои се лекуваат од зависноста од видео игри или од нарушувања предизвикани од таквата зависност, сега ќе можат да добијат надомест“, вели Фергусон. „Ова ќе биде финансиска благодет за центрите за одвикнување од ваквите зависности“.
Додека трае дебатата дали и колку опседнатоста со видео игрите влиојае врз менталното здравје, времето кое што луѓето го минуваат зад конзолите е запрепастувачко. Во анкета во која учествуваа 500 гејмери, секој десетти од нив, или 10 отсто, рекле дека пред мониторите поминуваат меѓу 12 и 24 часа, играјќи видео игри.