За да ја поразиш Русија за век и веков, Украина мора да влезе во НАТО

Крвава безизлезна ситуација, или нешто полошо, станува поверојатна доколку Западот не сфати дека Киев мора забрзано да се приклучи кон Алијансата, порачува поранешниот потпретседател на британските Конзервативци, Мајкл Ашкрофт.

Колку и да мисли НАТО дека и помогнал на Украина пред и по руската инвазија, тоа не е ништо во споредба со примањето на Украина во Алијансата, кое ако се случеше со време веројатно ќе спречеше и каква било руска инвазија на земјата.

„Украина утре би станала членка на НАТО ако има таква понуда, но до ден денес тоа не се случило - земјите членки се плашат дека тоа ќе доведе до масовна ескалација на конфликтот во источна Европа. Па НАТО државите продолжуваат да снабдуваат оружје и друга помош на Украина, но без нивна војска да стапне во Украина,“ пишува Ашкрофт.

Тој потсетува на интервјуто на Залужниј, кој според него „дава реалистична проценка на војната“ и кој објаснува дека конфликтот е влезен во безизлезна фаза во која секое напредување се постигнува преку „војна на трошење“.

Сознанијата што ги има Ашкрофт е дека очекувањето на Украинците дека ќе добијат неограничен број Ф-16 и други модерни оружја е „нешто повеќе од сон“.

„Постојат две помрачни сценарија кои сега Украинците со шепотење ги разговараат. Првото е да се избегне губењето на многу животи преку делумна капитулација, во која Украина неволно се откажува од делови од окупираните територии, веројатно Крим и територијата на истокот, како дел од мировниот договор.

Второто, ништо помалку одбивно за Украинците, е војна на трошење која веројатно ќе трае една деценија или повеќе, која пак е во корист на Русија. Пред војната украинската популација беше нешто под 44 милиони споредено со руската популација од речиси 150 милиони. Па во долготрајна војна и со својата поголема човечка сила, Русија полека ќе стекнува предност,“ смета Ашкрофт.

Неговото „светло на крај од тунелот“ е дека има и трето сценарио кое тој го застапува, а тоа е „напредок на политичкиот и дипломатскиот фронт, за Украина што побрзо да се приближи кон членството на НАТО и поголема заштита.“

Во јули НАТО се согласи дека Украина не мора да го исполни Акцискиот план за членство, еден од двата задолжителни чекори за сите идни членови.

„Ова значи дека членството на Украина сега ќе биде процес од еден чекор: поканата за членство ќе следува кога сојузниците ќе се согласат а условите за членство ќе се исполнат,“ објаснува Ашкрофт.

Неговата порака до западните лидери е дека некогаш треба да се избере и „најмалку ужасната опција“, која на крајот би била подобра од тоа Русија да го порази својот сосед „што НАТО не смее да го дозволи“.

„Давањето целосно членство на Украина во НАТО и ризиците кои следуваат од тоа сигурно се подобри отколку да се дозволи на зла сила како Русија на Путин да апсорбира делови, ако не и цела Украина.

Тоа ќе биде предавство на Киев и без сомнеж ќе испрати погрешна порака на светот во време кога глобалниот мир ретко кога бил покршлив,“ порачува Ашкрофт.

20 ноември 2023 - 12:12