Венецуела: Нафта, нафта, ама и минерали

„Просто е, тие имаат нафта а ние ја сакаме,“ лапидарно и ефикасно ги објасни причините за американското острење заби за Венецуела професорот Џефри Сакс. Им го паркираа најголемиот носач на авиони, уништуваат рибарски бродови, запленуваат танкери. Сето тоа со наратив за борба против дрогата иако американските федерални податоци покажуваат дека Венецуела не е значаен извор на наркотици што влегуваат во САД.

Оние кои се сомневаат во централното значење на минералите во стратегијата на САД, треба да го земат предвид неодамнешниот договор меѓу Вашингтон и Киев, со кој на американските бизниси им беше даден преференцијален пристап до минералните резерви на Украина како делумна отплата за помош во време на војна.

Минералите несомнено се појавуваат како геополитичка валута. А Венецуела има минерално богатство - 1,36 трилиони долари, количина која според венецуелскиот претседател Николас Мадуро, може да го обликува следниот век.

Изобилни наоѓалишта на боксит, танталит, злато и минерали од ретки земјени елементи, кои денес се од централно значење за национална безбедност и за глобалните синџири на снабдување, се наоѓаат во Венецуела, главно во јужниот дел од земјата. Таму власта е најслаба, а вооружените групи се најмоќни. Нелегални рудници се расфрлани низ сливовите на Амазон и Ориноко, а ефектите се катастрофални. Шумата е претворена во отворени јами. Токсичната жива, што се користи за вадење злато, ги контаминира реките и го убива живиот свет. Герилските групи се брутални во менаџирање на рудниците во кои работат и деца. Жени и девојчиња се купуваат и продаваат за злато. Домородните заедници се принудени да ги напуштат своите огништа за да се направи место за повеќе рудници. Зголемената побарувачка за венецуелски минерали само ќе го продлабочи уништувањето на околината и губењето на животи.

Покажувањето мускули некои го оправдуваат со демократските гревови на Николас Мадуро, кој е совршен негативец: на власт е после дебело оспорени избори поради што над 10 латиноамерикански земји не го признаваат неговото владеење. Неговата власт е репресивна, корумпирана и девастирачка по националната економија.

Сепак, лошите оценки на Мадуро не го оправдуваат распоредувањето носачи на авиони. Доколку САД беа навистина заинтересирани за враќање на демократијата во Венецуела, нивната стратегија, меѓу другото, би вклучувала преговори и хуманитарна помош.

Пред да ја насочи земјата кон отворен конфликт, американската администрацијата ѝ должи на јавноста јасност. Ако целта е демократија, нека се тргне кон неа преку дипломатија. Доколку целта се наркотици, презентирајте докази, а не фрази. Ако целта се минерали, разјаснете го тоа и преговарајте за договори. Дозволете ѝ на јавноста да дебатира дали некоја од овие работи е доволно оправдување за ескалација во воена вмешаност.

Венецуелците заслужуваат повеќе отколку да станат колатерала во глобалната трка за ресурси. Американците заслужуваат повеќе од нејасен говор и променливи наративи. Светот заслужува Америка која отворено зборува за своите намери пред да влезат во конфликт чии трошоци ќе останат долго откако ќе исчезнат насловите. Ако не ги побараме одговорите сега, наскоро може да се најдеме заглавени во борба што не ја одбравме, од причини за кои администрацијата на Трамп никогаш не ни кажа“, пишува Кристал Кауфман во The Hill.

14 декември 2025 - 12:21