Треба ли Британија да го откачи Лондон?

За "глобалните граѓани" Лондон изгледа како нов главен град на светот, за луѓето кои живеат во останатите делови на Обединетото кралство, тој личи на друга планета, или "Првокласен град закачен на второкласна држава," како што заклучува еден Американец кој работи во Сити.

Додека остатокот од островот ја минува најтешката рецесија во изминатите 100 години, ова речиси и да не се чувствува во Лондон. Во главниот град економијата пораснала за 12,5% во периодот од 2007-ма до 2011-та (два пати побрзо отколку во остатокот на земјата), а вредноста на недвижностите во Лондон е порасната за 15% и се проценува на 140 милијарди фунти.

Оваа сума е поголема отколку вкупната вредност на сите резиденцијални објекти во северо-источна Англија, а процената е дека топ 10-те населби во градот, во однос на недвижнини, вредат повеќе од целиот имот на Велс, Шкотска и Северна Ирска, заедно.

Просечниот жител на Лондон придонесува 70% повеќе кон националниот приход на Британија отколку луѓето во остатокот од земјата - разлика од околу 16.000 фунти.

"Една од причините за ова е што најголемиот дел од останатите места не се ни приближно успешни како Лондон. Како што споменав претходно, разликата меѓу нив се зголеми од почетокот на финансиската криза, бидејќи Лондон расте многу побрзо. Па, без разлика на се што престолнината прави за останатите делови на Кралството, сепак на крај излага дека тоа не им помага тие да се приближат. Во исто време додека го 'субвенционира' остатокот од земјата, самиот успех на Лондон е тој што ним не им дозволува да напредуваат," објаснува економскиот уредник на БиБиСи, Стефани Фландерс.

Нејзината процена е дека без Лондон, Британија би имала поинаква економија, многу помалку фокусирана на финансиски услуги, а многу повеќе зависна од производство.

На страна економијата, се разликува и самиот транспортен систем што го поврзува Лондон со остатокот од земјата. Ако од Лондон до Бирмигнем со воз се минуваат 120 милји за 84 минути, од Бирмингем до Манчестер, што е малку повеќе од половина од оваа дистанца, се стига за 90 минути.

Самата анализа на однесувањето на компаниите во внатрешноста покажала дека тие повеќе се подготвени да побараат партнер или експертиза во Лондон, отколку во сопствениот или некој од соседните градови.

Според Фландерс, ваквата ситуација во земјата се должи на тоа што со генерации британската влада одземала се повеќе и повеќе власт од градовите, давајќи им се помалку доверба да ги вршат своите работи.

27 март 2013 - 15:35