Тензиите од Ормускиот проток се прелеваат врз друго тесно грло

Последиците од блокадата на Ормускиот проток поттикнаа загриженост поради ризикот од битка за контрола врз Малачкиот теснец, низ кој поминуваат уште повеќе танкери и товарни бродови. Земјите од регионот тврдат дека немаат планови да го блокираат ниту да воведуваат „патарини“, но тоа може брзо да се смени, во зависност како ќе биде решена кризата во Персискиот Залив.

Малачкиот теснец, долг 900 километри, е опишан од американската Администрација за енергија како најголемата „потенцијална пречка за транзит на нафта“ – единствената во светот што го надминува Ормускиот теснец. Се протега помеѓу Индонезија, Тајланд, Малезија и Сингапур и ја обезбедува најкратката морска рута од Источна Азија до Блискиот Исток и Европа.

Индонезискиот министер за финансии Пурбаја Јуди Садева ја разбранува светската јавност кога отворено предупреди дека земјите покрај протокот би можеле да наметнат патарини, слично како што побараа и иранските власти, но и американскиот претседател Доналд Трамп за Ормускиот проток. Пурбаја веднаш потоа се повлече и истакна дека таков договор би бил спротивен на меѓународните закони и прописи, а би им наштетил и на интересите на неговата и на соседните земји, но веќе „ја пушти бубачката“.

Тензиите во Заливот се закануваат да се прелеат во Југоисточна Азија. Регионалниот блок АСЕАН мора да дејствува решително за да спречи Малачкиот теснец да стане бојно поле меѓу големите сили, предупреди поморскиот аналитичар и научник Назери Халид.

Тој побара од членките на блокот да ги одвратат големите сили од конфронтација, која би ја поткопала трговијата, економијата и безбедноста на регионот.

Министерот за надворешни работи на Сингапур, Вивијан Балакришнан, изјави дека земјите што излегуваат на теснецот веќе се договориле да не наплаќаат патарина, бидејќи имаат стратешки интерес да го одржат отворен. Неговиот малезиски колега Мохамад Хасан додаде дека Малезија, Сингапур, Индонезија и Тајланд спроведуваат заеднички патроли за да се осигурат дека водниот пат останува отворен.

Според Центарот за стратешки и меѓународни студии, преку Малачкиот проток поминува речиси 22% од светската поморска трговија. Ова вклучува испораки на нафта и гас од Блискиот Исток до развиените азиски економии. Овој поморски коридор е особено витален за Кина, која преку него добива 75% од увезената сурова нафта – не само од блискоисточните полиња, туку и од Африка.

Во првата половина од 2025 година, околу 23,2 милиони барели нафта дневно биле транспортирани низ Малачкиот теснец, што претставува 29% од вкупниот поморски проток на нафта. За споредба, преку Ормускиот проток пред војната поминуваа по околу 20,9 милиони барели дневно.

Поради плитките води (каналот е длабок 25-27 метри), супертанкерите се принудени да пловат околу Индонезија, што ги зголемува цената и времето на транспорт на нафтата.

Ризикот не е само за нафтата и гасот, туку и за хемикалиите и кинескиот извоз. Низ Малачкиот теснец лани поминале повеќе од 102.500 бродови, претежно комерцијални, што е за некои 10% повеќе отколку во претходната година и се очекува тој тренд да продолжи.

Во најтесната точка - Филипсовиот канал на Сингапурскиот теснец - Малачкиот теснец е широк само 2,7 километри, што е природно тесно грло и потенцијална црна точка поради можни насукувања, излевање на нафта – конфликти за контрола на сообраќајот.

Со години наназад во теснецот оперираат пирати, кои напаѓаат главно трговски бродови. Лани имало 104 напади – просечно по два секоја недела.

27 април 2026 - 14:49