Првата позиција му е собирање на луѓе за превоз низ улиците на Измир. За секој донесен човек добива процент. По одредено време, чувствува дека има направено доволно врски за да може и сам да почне, за подоцна да реши да го здружи бизнисот со еден Турчин кој држи една од клучните точки за шверц во Измир.
Во разговорот со Сирија Дипли, Јазан ги објаснува следниве работи:
- Има неколку начини за наоѓање шверцери на луѓе - или преку информација од бегалците кои веќе стигнале во Европа, преку роднини и пријатели, или преку "агенти" кои шетаат по улиците на Измир и нудат превоз. Или преку осигурителни канцеларии, каде обично бегалците го плаќаат своето патување до Грција.
- Најголемиот дел од шверцерите се Сиријци, заради јазикот и врските со бегалците. Меѓутоа сопственици на превозот и локациите од кои се прави шверцот се Турци. Сиријците најголемиот дел од својот бизнис го научиле од Авганистанци и Ирачани, кои пред нив соработувале со Турците.
- Шверцерот е одговорен за превозот до точката на тргање. Тој исто така треба да најде соодветно место за престој на бегалците до моментот на тргање, притоа плаќа за кирија и храна, се додека не се тргне. На шверцерот паѓа и одговорноста за обезбедување на неопходната опрема, како појаси за спасување, гуми и специјални торби за заштита на документи и мобилни телефони.
- Најчест начин на превоз се гумени чамци, а има и глисери и јахти.
Гумените чамци се долги 9 метри, а широки 3 метри, имаат дрвен патос и мотор. Комплетниот капацитет им е 45 луѓе над 9 години. Чамците се од кинеско, турско или руско производство.
Јахтите се од метал, побрзи се и посигурни од чамците, и доаѓаат во три големини. Големите јахти имаат капацитет од 40 патници, ама шверцерите товараат од 80 до 90 луѓе. Средните со капацитет од 30 патници, и се полнат со 60 до 70 луѓе. А малите со капацитет од 20 патници, се полнат со 40 до 50 бегалци.
Глисерот е најбрзата опција. Во него се превезуваат 15 до 20 луѓе, а патувањето трае околу 20 минути.
- Цената на превоз зависи од типот на брод што се користи и бројот на патници. Исто зависи од тоа дали си млад маж или е цело семејство. Шверцерот преговара за цената со сопственикот на локацијата од каде што се тргнува, а потоа со бегалците договара друга цена. Разликата во цена ја собира шверцерот. Плус на ова, тој добива проценти и од парите од сопственикот на локацијата.
Горе-доле цените за возрасен човек се:
- Гумен чамец: 500 до 700 долари
- Јахта: 1.500 до 2.000 долари
- Глисер: 1.200 до 1.500 долари
Летно време цените растат за 30% заради напливот на мигранти, кои сакаат на поубаво време да го минат патешествието. Децата обично бесплатно се пренесуваат се додека патувањето го минат кај родителите во скут.
- Капетан на чамците обично е еден од патниците, и тој не плаќа никакви пари за патувањето. Меѓутоа кај јахтите и глисерите капетанот го избираат нивните сопственици, и обично е турски државјанин.
- Ако турската крајбрежна стража открие некој чамец, бегалците од него завршуваат во 24-часовен притвор, по што се ослободени на автобуска станица.
Ако фатат шверцер, тој се соочува со затворска казна од една до 30 години, и 15.000 долари глоба.