46 годишниот Педро Санчез не му е премногу познат на шпанскиот електорат. Тој во конгресот влезе во 2009 како внатре-партиска замена за пратеник кој ја испразни фотeљата. Местото го губи на изборите во 2011, но за негова среќа, во 2013 година, и друг пратеник порано ја напушта функцијата па тој повторно влегува како партиски џокер.
Со поддршка од врхушката на неговата Социјалистичка работничка партија (ПСОЕ), станува генерален секретар кој во 2015 ја води партијата на најлошите изборни резултати во нејзината историја. Неколку месеци подоцна ПСОЕ го откачува како лидер а тој се откажува од конгресните задолженија за да се посвети на освојување на партијата во што подоцна успева.
Неоговото неодамнешно поставување за премиер не е резултат на изборна волја туку на системски комбинации. Премиерот Рахој долго време беше оптоварен со корупциски скандали кои кулминираа со 33 годишна казна затвор за еден негов близок соработник. Во услови на таква грогираност на Рахој и владеачката партија, Санчез потегна прашање за доверба на владата. Таа мина во Конгресот, а во такви услови тамошниот устав предвидува мандатот да му се довери на оној кој ја иницирал недовербата.
Така Санчез успеа да стане премиер, така започнуваат и неговите проблеми. Народната партија на Рахој останува најбројната партија во парламентот, со 134 од 350-те места, додека сега владеачките Социјалисти имаат само 84. За да владее така, без изборна поддршка, Санчез ќе мора да прави дилови со другите седум партии и регионални застапници, меѓу кои е и жешкиот костен - Каталонците. А диловите ќе значат концесии, отстапки и компромиси кои дополнително ќе ја зголемат недовербата на граѓаните.
„Тоа е проблемот со шпанската влада. Ѝ недостасува насока бидејќи ѝ недостасува изборен легитимет, чувство дека го претставуваш она што шпанскиот народ го сака. И ниедна политичка вештина и смисла за партиски комбинации не може да ги надомести политичките насоки кои само електоратот може да ги понуди“, пишува Тим Блек за британски Спајкд.
Но не се само Социјлиститте свесни за тоа и другиот дел од политичкиот естаблишмент во Шпанија. Тие знаат дека изборите се неопходни за легитимно фунционирање на парламентарната демократија но за нив не постои политичка волја. Шпанската политичка класа не сака да се соочи со избори. Причината за тоа е едноставна: двете клучни шпански политички партии знаат дека во случај на избори, обете ќе ги имаат најлошите резултати во нивното постоење. Така велат анкетите, така вели и онаа перцепција за која пишувавме деновиве, дека дури 81% од шпанските политичките институции ги сметаат за корумпирани. На таа сцена на популарност добива единствено Партијата на граѓаните но таа не е доволно силна за сама да издејствува предвремени избори.
„Шпанија останува во политичка криза. Таа не може да биде решена со внатрешни претумбации во рамките на политичката класа. Таа класа ќе продолжи да бара засолниште од гласачите. Но не постои вистинско засолниште од нив, дури ни во Брисел. Во некоја точка, шпанските политичари ќе мора да престанат да го избегнуваат електоратот и ќе мора да се соочат со него“, пишува Блек..