Ширум светот на луѓето им преку глава од корумпирани политичари. Но, решението можеби се бара во погрешен правец. Дека ќе дојдат чесни политичари и ќе покажат како се обавува служба кон народот без тие да се обогатат на негова сметка.
Атлантик потсетува дека некои од лидерите кои подоцна се покажаа како најкорумпирани, дојдоа на таа позиција токму на брановите на нивните ветувања дека се чесни и дека ќе ги сотрат корумпираните. Од друга страна, таа тема неретко се користи за пресметка со политичките неистомисленици. Куба, Венецуела, Иран, регуларно затвораат политички противници со тој изговор, Путин го репна богатиот мецена на анти-владините медиуми Ходорковски на 10 годишна робија во Сибир.
Анти-корупциски револти и протести регуларно избиваат на разни страни на светот а државите на различен начин и со различен интензитет се справуваат со корупцијата на државните функционери.
Откако дојде на власт во 2012, Кси Џинпин и државниот апарат, за мито, корупција иа злоупотреба на службената положба имаат осудено преку еден милион државни службеници, некои од нив и на смрт. Неодамна сеча на стотина од најбогатите луѓе во државата меѓу кои се најдоа и корумпирани ограноци од кралската лоза изведе саудискиот принц Мохамед Бин Салман. Иронично, еден од принцовите обвинет дека се збогатил на државна сметка успеа да ја изрента својата слобода плаќајќи кауција од една милијарда долари.
Бразилскиов обид е сосема поинаков и се потпира на чесноста, ама не на човечката туку на вештачката интелигенција.Тамошна група на експерти за анализа на податоци изработиле софтвер кој ги надгледува трошоците на државните службеници кои тие ги пријавуваат како работни и кои им ги плаќа државата. Се работи за сите оние сметки кои ги доставуваат за службена наплата - патни трошоци, сметки за ручеци, вечери и слично. И потоа користи алгоритам за да утврди колку тие трошоци се реални а колку се вројатно непостоечки или пак напумпани. Софтверот го викаат Рози и дури му имаат отворено и твитер акаунт, за да можат луѓе да пријавуваат случаи и сметки на функционери за кои дознале.
Реалниот ефект на Рози е минорен во земја како Бразил во која коруптивните зделки се мерат во милијарди. На пример, за една градежна компанија беше утврдено дека на разни нивоа дала мито од вкупно 880 милиони долари (не се за жалење, на име на тоа мито добиле бизниси вредни 3,3 милијарди долари). Но бидејќи меѓу политичарите има сè помалку човечки материјал на кого може да му се верува, останува да се кладиме на Рози и на нејзината будност, памет и чест.