По Ајлан умреле уште 70 бебиња

Откако телото на 4 годишниот Ајлан Курди минатиот месец беше откриено на турското крајбрежје, слична судбина ги има снајдено уште најмалку 70 бебиња, и ова според бројки на УНХЦР.

"Она што ми е најмачно е дека дури и најголемите трагедии се задржуваат на насловните само еден ден. Моето семејство ме потсетува дека сум опседната, ама мора да бидам. Неколку пати на ден добивам извештаи со статистики, кои, за мене, се човечки суштества. Приказните што најтешко ми паѓаат се кога ќе чујам за мајка или татко кои во брановите го изгубиле своето дете. За мене како мајка, да ги изгубам нив на ваков начин е несфатливо," објаснува портпаролката на Агенцијата за бегалци на О.Н, Мелиса Флеминг.

Пред да биде на оваа позиција, Флеминг е портпаролка на ОБСЕ и на Меѓународната агенција за атомска енергија, "тогаш се работеше за спречување на хипотетички ситуации во кои можат илјадници да загинат. Сега се работи за справување со вистински катастрофи."

Флеминг ја раскажува приказната (што планира да ја објави како книга) за младата Сиријка, Доа, која е една од 11-те преживеани во потонувањето на брод во близина на Крит. Во несреќата таа гледа како се дави нејзиниот свршеник, спасува бебе кое не е нејзино, а во еден момент има четири деца кои и се дадени од непознати родители што исчезнуваат под брановите.

Чувството на Флеминг е дека светот не може вистински да посвети внимание на бегалците и на нивните трагедии бидејќи тие не можат да се поврзат со патешествието на овие луѓе.

"Има нешто во несекојдневноста на ова патување, заради што луѓето не можат да се идентификуваат со него. Тие можат да се идентификуваат со катастрофа која можат да си ја претстават, на пример крстарење со брод или патување со авион над Швајцарија, ама со ваквиот тип на патување не можат да се поврзат," објаснува Флеминг.

Во петокот Флеминг го твитна следново (не за слаби нерви) видео:

31 октомври 2015 - 18:07