Кога се случи експлозијата на 26 септември логиката зад обвинувањата против Москва беше дека едноставно гледа на секој начин да ја прекине и попречи испораката на гас за Европа, посебно пред надоаѓање на зимата. Од експлозијата на четири места беа оштетени цевките на гасоводите Северен тек 1 и 2.
Пост пишува дека по неколку месеци истрага, голем број западни функционери приватно изјавуваат дека Русија веројатно не е виновна за експлозијата. Заклучокот го дава по разговарање со 23 дипломати и разузнавачи од девет држави.
„Нема докази дека Русија е зад саботажата,“ ја пренесува Пост изјавата на неименуван европски функционер.
Тоа за што нема сомнеж е дека штетата е намерно направена и дека експлозивот бил поставен на самата структура.
Потврда за руската вмешаност во експлозијата нема ни од форензичарското испитување, ниту од рутинското американско прислушување на комуникацијата меѓу руските функционери и воените сили. Истото ова прислушување пример им помогна на САД да откријат дека Русија се подготвува за инвазија на Украина.
Иако релативно малата длабочина на која се наоѓаат цевките во тој дел од гасоводот, теоретски дозволува нападот да е извршен од најразлични актери, количината на експлозив што се користи покажува дека тој е извршен од држава.
„Владите кои почекаа да коментираат пред да донесат конечен заклучок правилно изиграа,“ изјавил европски функционер за Пост.
Од сегашна перспектива станува јасно и дека Москва речиси и да нема ќар од оштетување на цевките кои ја полнеа Западна Европа со руски гас и носеа милијарди долари приход. Оние кои уште држат до тоа дека Русија е виновна за нападите, објаснуваат дека мотивот е што гасоводот и онака во тој период не им носеше пари на Русите, па со експлозијата тие покажаа дека гасоводите, каблите и подводната инфраструктура остануваат ранливи и дека државите што ја поддржуваат Украина ризикуваат да платат скапа цена.