Неколку работи по американското бомбардирање на Сирија

По наредба на американскиот претседател, и без никаква дозвола или одобрување од О.Н., два американски воени брода во источниот Медитеран - УСС Портер и УСС Рос - испукаа 60 крстосувачки ракети на Сирија, конкретно на воздушната база Шајрат, затоа што Трамп одлучил дека тоа е во согласност "со виталните американски национални безбедносни интереси".

Бомбардирањето е одмазда на Американците за наводното користење на отровен гас од страна на силите на Асад во Идлиб. Ова обвинување многумина го спорат прво, затоа што нема никакви докази дека Асад е одговорен за хемискиот напад (одмаздата се случува после едвај еден ден од нападот), и второ, зошто Асад би повлекол ваков потег во момент кога тој има најдобри изгледи во досегашниот тек на војната од целата работа да излезе како победник.

Нападот е извршен со Томахавк ракети, истите што беа користени во НАТО бомбардирањето на Југославија за соборување на Милошевиќ, а пред шест години и во соборувањето на Гадафи и, од сегашна гледна точка, комплетното растурање на каква било форма на власт во Либија.

Според првичните извештаи во нападите се уништени 6 МИГ-23 авиони, но пистата и понатаму е функционална.

Инаку:

- Ова е прв директен американски напад што Белата куќа го има наредено против силите на Асад.

- Американските функционери тврдат дека ги известиле Русите пред почетокот на нападот, и дека проектилите се испукани на "делови каде што не постои руска присутност". Истовремено тие порачуваат дека не барале одобрување од Москва.

- Нападот не само што е изведен без дозвола на Советот на безбедност на О.Н., туку Трамп за истиот не го прашува ни американскиот Конгрес.

- Како ретко кога Трамп доби пофалба за својот потег од Њујорк Тајмс - "Претседателот ја направи правилната работа", со посебен нагласок на употребата на "Претседателот".

- Нападот се толкува и како дел од стратегијата на Трамп околу посетата на кинескиот претседател на САД. Прво, "тој сега ќе мора да седи во САД и да ја гледа демонстрацијата на американската воена сила," и второ, медиумите многу помалку ќе бидат заинтересирани за бизнис и останатите разговори што ќе се случуваат на средбата.

- Сумирано, за Трамп нападот претставува џек-пот, затоа што истовремено испраќа порака до Дамаск, Москва и Пекинг, додека на своја страна ги прибира западните медиуми кои до вчера го издигаа на ниво на марвеловски космички душман кој ќе значи крај на постоењето на Земјата.

- За Москва нападот е "чин на агресија против членка на О.Н." и побараа итна седница на Советот за безбедност.

- Русија го суспендираше американско-рускиот меморандум чија цел беше избегнување на потенцијални судири меѓу воздушните сили на двете земји над Сирија, а Путин нападот го нарече "агресија".

"Ова е чин на агресија против суверена држава започнат заради измислена причина за вниманието на светот да се одврати од масакрот на цивили во американските воздушни напади во Ирак," ја пренел Дмитри Песков изјавата на Путин.

- Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека сето ова наликува на американската инвазија на Ирак во 2003 (која за волја на вистината беше направена со многу повеќе фемкање отколку денешнава), со таа разлика што овој пат Американците не се ни обиделе да понудат докази, како што во 2003 беа (сега оспорените и докажано лажни) тврдењата дека Садам Хусеин поседува "оружје за масовно уништување".

- Целата американска акција се базира на фотографии од деца и изјави од разни невладини организации, како Белите шлемови кои според Лавров "местат разни ситуации за да испровоцираат активност против сириските власти".

- Она што Русија ќари од американскиот напад е што никој не зборува за нејзиното признавање на Западен Ерусалим како главен град на Израел а Источен Ерусалим на Палестина, и дека сега станува радикално потешко да се зборува дека Трамп е под контрола на Русите. Израелците се на два памета околу потегот на Москва, од една страна тие го сметаат цел Ерусалим за нивни, од друга страна ниту една друга земја во светот им ги нема признаено ни овие 50%.

- Малку подолу во Европа, турскиот министер за надворешни работи, Чавушоглу, по бомбардирањето изјави дека Асад мора да си замине, а ако не сака треба да се тргне со сила.

- ЕУ а.к.а. Меркел и Оланд не најдоа ништо спорно во тоа што нападот е извршен без дозвола од Советот на Безбедност на О.Н. и му дадоа поддршка на Трамп, па во заедничка изјава порачаа дека "Асад ја носи полната одговорност за овој развој на случувањата. Неговата постојана употреба на хемиско оружје и масовно убивање не може да мине без казна".

- Со бомбардирањето на сириските сили, Американците извршија напад на најголемата анти-терористичка армија која веќе шест години се бори и гине против најголемата и најомразената терористка група на планетава. Ова секако е повеќе од добредојдено за ИСИС, кои конечно можат малку да здивнат од притисок.

- Веднаш по бомбардирањето на сириската воздушна база, терористите на ИСИС започнаа голема офанзива против сириската војска кај Палмира, која заради американскиот напад остана без воздушна поддршка.