На Сирија ѝ се спрема босанско решение

Централна Влада која владее со нација поделена во три етнички зони, е планот што Москва го разгледува како потенцијално решение за кошмарот во Сирија.

Наспроти амбициите на САД, Сирија да излезе од ова како цела држава, рускиот план е босанско решение ама на три дела. Како што објаснува рускиот заменик министер за надворешни работи, "ако сите страни се согласат на федерална Сирија и ја гарантираат територијалната целост, независност и суверенитет на земјата, тогаш кој ќе замери?"

Планот е државата да биде поделена на: курдски регион на северот и североисток; централен регион за сунитите; и останатата третина која се простира до границата на истокот во која ќе живеат алавити, друзи, христијани, сунити и други.

Москва до сега не предлагаше вакви решенија пред се заради нивната поддршка на централната сириска влада и инсистираше дека "секој мировен договор мора да го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Сирија."

Меѓутоа во исто време Курдите се единствената страна во судирот што имаат поддршка и од Москва и Вашингтон. Токму сириските Курди неодамна во разговор со руските медиуми објавија дека "е потребна децентрализација на Сирија за да се стави крај на конфликтот." Еден ден по почетокот на примирјето, член на извршниот совет на автономните власти на сириските Курди објави дека постои "разбирање меѓу Русија, САД и опозициските сили за предложеното федерално решение."

"Сириските Курди претежно се борат против терористи, но не се борат за Асад да остане на власт. Единствено разумно решение е федерација бидејќи сега ниту можеме назад да ги вратиме Курдите, ниту да им дозволиме да се отцепат од Сирија, бидејќи тоа би бил лош преседан," објаснува генерал Леонид Ивашов, првиот човек на руската Академија за геополитички проблеми.

Историски Русија одамна ги поддржува курдските амбиции за независност и сопствена држава, почнувајќи уште во времето на студената војна кога Советскиот сојуз е еден од главните финансиери на Курдската работничка партија во Турција.

18 март 2016 - 13:56