Судската одлука е голема победа за Трамп. Со неа се запира наредбата од понизок суд, кој побара од владата да продолжи да им дозволува на луѓето да избираат дали ќе бидат означени како мажи, жени или со „X“ во новите или обновените пасоши.
Администрацијата на Трамп води судски битки за промена на низа практики што ги наметнаа претходните власти. Важен процес се води за забраната на трансродовите лица да служат во војска. Во пресудата за ограничувањето на полот на машки и женски во пасошите се наведува дека политиката не е дискриминаторска.
Прикажувањето на полот на носителите на пасоши при раѓање не ги навредува принципите за еднаква заштита повеќе отколку прикажувањето на нивната земја на раѓање. И во двата случаи, Владата само потврдува историски факт без да подложи никого на различен третман, објаснува судот.
Тројцата либерални судии гласаа против одлуката, тврдејќи дека политиката може да ги изложи трансродовите лица на „зголемено насилство, вознемирување и дискриминација“. Судијката Кетанџи Браун Џексон забележа дека трансродовите и небинарните лица што ја обжалиле политиката пријавиле дека биле сексуално нападнати, претресувани до кожа и биле обвинети за презентирање лажни документи на безбедносните проверки на аеродромите.
Противниците тврдат дека пасошите со наведен пол на раѓање не соодветствуваат на реалната ситуација и може да направат забуна. Трансродовата актерка Хантер Шефер во февруари се пожали дека на новиот пасош е заведена како маж, иако на возачката дозвола и на поранешниот пасош била жена.
Стејт департментот ги промени своите правила за пасоши откако Трамп на почетокот на својот втор претседателски мандат потпиша извршна наредба со која прогласи дека САД признаат само два пола - машки и женски, врз основа на извод од матичната книга на родените и биолошка класификација.
Ознаките за пол почнаа да се појавуваат на американските пасоши во средината на 1970-тите. Дваесетина години подоцна федералната влада почна да дозволува замена на наведениот пол, ако се приложи медицинска документација. Во 2021 година администрацијата на Џо Бајден го укина барањето за доставување медицински сертификат и дозволи секој да може да избере да биде претставен со неутрален пол „Х“ во пасошот.
Оваа одлука е победа за здравиот разум и претседателот Трамп, кој беше убедливо избран за да ја елиминира идеологијата на родовата еднаквост од федералната влада, изјави портпаролката на Белата куќа, Ана Кели.