Иако без никаква кралска функција, во неделата првиот човек на саудискиот пандан на Ал-Џезира, Ал-Арабија, во јавно обраќање ги предупреди САД дека ако преземат нешто против кралството „смртно ќе и наштетат на сопствената економија,“ и цените на нафтата ќе достигнат до 200 долари за барел.
Еден ден подоцна зборувајќи на средба во Индија, саудискиот министер за енергетика Халид Ал-Фалих порача дека Саудиска Арабија ќе продолжи да работи како „централна банка на пазарот на нафта“ и ќе ја контролира понудата и побарувачката на нафтата.
Една клучна разлика во однос на блокадата од пред речиси половина век е што денес САД е далеку помалку зависен од саудиска нафта, и во 2017 само 9% од потребите за нафта на САД биле покриени со увоз од Саудиска Арабија. Тоа што Американците се отпорни на директен притисок не значи дека саудиските закани нема да имаат влијание, бидејќи евентуалното кревање на цената на нафтата ќе ги крене глобалните цени што последователно би придонело до инфлација која на крај пак ќе удри по американската економија.
Претпоставките се дека Саудијците би можеле до крајот на годината цената да ја кренат на 100 долари за барел, што според аналитичарите е „ризична стратегија, и Саудиска Арабија на крај би можела да си пука во нога“.
Првиот човек на Куамар енерџи, Робин Милс, објаснува дека уште една нафтена драма како онаа од пред десетина години или онаа од 1970-те, може да има контра ефект и само да ги забрза „структуралните промени“ и да го забрза префрлањето на чиста енергија.
На исто мислење се и аналитичарите на ИНГ, кои објаснуваат дека „повисоките цени на нафтата на подолг период ќе помогнат во постигнување на повисока стапка на пенетрација на електричните возила“.