"Шкотска отиде предалеку со својата политика за "универзални бенефиции", порача шкотскиот владин советник за сиромаштија и социјална нееднаквост.
Извештајот на Наоми Ејзенштад сугерира трошењето јавни пари да биде таргетирано, бидејќи кога бенефициите ги добиваат сите, тие најмалку им помагаат на оние на кои најмногу им требаат..
Во Шкотска општите бенефиции се однесуваат на бесплатни лекови, бесплатна школска храна, бесплатни школарини, субвенции за огрев и слично.
Последново, како апсурд во личен пример го наведе и самата советничка велејќи дека немало никаква потреба и таа од државата да добива субвенции за огрев.
Наоми Ејзенштад процени и дека во време на општи мерки за штедење, пензионерите добиле премногу бенефиции.
"Мислам дека ние во Шкотска отидовме предалу со желбата за универзално помагање а го запоставивме таргетирањето", сумираше советничката.
Нејзиниот извештај во кој се следат правците на јавните трошења е независен иако Ејзенштад има функција на владин советник и е одбрана од самата премиерка.
Таа од шкотската влада побара и да се одмрзне општинскиот данок. Иако е тоа направено со добра намера, неговиот реален ефект е дека им годи на најбогатите бидејќи плаќаат ист данок на имот иако вредноста на нивните имоти во меѓувреме значајно се зголемила. Според Ејзенштад, локалните власти треба да имаат повеќе дискреција во однос на тоа каде ги трошат парите бидејќи тие се во понепосреден контакт со граѓаните и нивните проблеми.
Коментирајќи го годишниот извештај на својот советник за сиромаштија, шкотската премиерка Никола Стурџон ги поздрави наодите и порача дека уште еднаш ќе разгледаат што е добро а што може да се поправи.
Но, нејзиниот портпарол нешто подоцна објасни дека Владата планира да продолжи со својата политика за универзални бенефиции и дека ќе го почитуваат формалниот рок во кој треба да одговорат на препораките од извештајот.