12 проценти од струјата генерирана од ветерни турбини во Внатрешна Монголија годинава е фрлена затоа што мрежата не можела да ја прими. Слично е и со 10% од енергијата во Ќингхај уште една пуста кинеска провинција.
Без разлика на сегашното економско забавување и ковид проблемите од изминатите години, главниот виновник за фрлањето струја е жестоката стапка на поставување инсталации за обновлива енергија. Во 2020 Кина постави рекорд за новоинсталирани ветерници, а во 2021 за соларни панели, и е на пат ова да го дуплира годинава.
„Ама за разлика од купиштата јаглен, ти немаш како да го чуваш ветрот или сончевата енергија за кога ќе ти затребаат, па целиот дополнителен капацитет генерира повеќе струја отколку што мрежата може да искористи, и тој мора да биде отсечен за да се избегне преоптоварување на мрежата.
Ова е лошо за производителите кои не добиваат пари за оваа струја, и е лошо за околината бидејќи така потрошената чиста енергија би можела да го намали загадувањето од горењето јаглен,“ пишува Блумберг.
Одењето фира на струјата е натоварено со засега нерешливиот проблем на зелената енергија, а тоа е трошењето на перките на турбините, кои вртеле, не вртеле, константно се амортизираат.
Една од мерките што Кина ја презема околу ова е воведување на квоти со кои регионите низ земјата се присилуваат да го забават воведувањето на нови проекти, додека нивната енергија не почне целосно да се користи.
Освен бирократски мерки, Кинезите работат и на терен па почнаа со изградба на далноводи кои треба да ја носат зелената енергија од далечните пустелии до урбаните и индустриски центри на кои им е потребна, плус развивање на системи за складирање зелена енергија (џиновски батерии) кои би ја чувале додека истата не затреба.