Перките на ветерниците можат да бидат поголеми и од крилата на Боинг 747, а кога ќе им заврши службата тие не може едноставно да бидат одвезени на отпад, туку прво фибергласот треба со дијамантска пила да биде пресечен на најмалку три дела кои ќе ги собере во камионска приколка.
Како што одминува грејс периодот на работа на ветерниците без отпад, така годишно на светско ниво десетици илјади перки се вадат и се заменуваат со нови.
Перките главно се заменуваат заради оштетувањето што го претрпуваат од ветерот што ги пердаши секојдневно со години. Тоа што се направени да можат со години да трпат силни ветришта, а во некои случаи и урагани, значи дека тие не можат лесно да бидат смачкани, рециклирани или пренаменети.
Сегашното решение за овој проблем е редење на перките во огромни јами по отпадите низ светот и нивно потрупување со земја, а според процените на еколозите едноставно вечно ќе имаме дупки полни со перки бидејќи нема никогаш да се распаднат.
„Перките од турбините на крај таму ќе останат засекогаш.
Најголемиот дел од отпадите се сметаат за гробници,“ објаснува првиот човек на американската филијала на Веолиа енвајармент, Боб Кападона.
Процената на Винд Европа е дека до 2030 може да се очекува годишно по 52.000 перки да се фрлаат на отпад, што сериозно го нарушува целиот концепт на „зеленост“ и одржливост на обновливата енергија добиена од ветер.
Закопувањето на перките останува најевтиното решение при расклопувње на ветерница, а „тоа е проблем бидејќи нема задолжителна обврска за рециклирање“.
Ставот на луѓето кои работат на рециклирање на перките преку дробење и сечење е дека забрана од ЕУ за закопување на перките, значително би го помогнало нивниот бизнис и би ги присилило компаниите да размислуваат и истражуваат нови начини за решавање на овој отпад.
Неколку држави во Европа (Австрија, Германија, Холандија и Финска) имаат забрането закопување перки на нивните депонии, а германски Геосајкл веќе оперира со една голема печка која согорува илјадници тони делови од стари ветерници, кои создаваат помалку јаглероддиоксид од фосилните горива.
И покрај ова енергијата од ветар е една од најчистите форми на енергија, бидејќи загадувањето од неа е 99% помало отколку од јагленот и 75% помало отколку од соларната енергија. Најголемото загадување кај оваа енергија доаѓа од производството на челикот и железото што се користи за ветерниците, и бетонот за нивните темели.