Накратко, радикалите на Герт Вилдерс не успеаа да загосподарат со холандската политичка сцена, меѓудругото и затоа што умерените политички противници - ја изиграа нивната карта.
На актуелниот премиер како кец на десетка му дојдоа тензиите со Турција кои се покажаа како извонредна прилика тој „да му покаже заби“ на агресивниот Ердоган. Со други зборови, во клучни моменти да биде малку Вилдерс, таман толку колку да го избие неговиот главен адут дека многу им се попушта на странците и дека Холандија треба по-офанзивно да ги брани своите вредности и начин на живот.
Европските либерали побрзаа хоаландските резултати да ги прогласат за доказ дека десничарењето почнува да издишува и дека гневот кон политичкиот естаблишмент го минал својот зенит. Во таквата анализа се превидува фактот дека Марк Руте остана на работа благодарејќи на тоа што поработи на агендата на Вилдерс порачувајќи им на имигрантите или да ги прiфатат холандските вредности или да заминат. Дополнително, Вилдерс не освои колку што планираше но сепак освои места; на истите избори холандската централна левица колабираше а старите традиционални Лабуристи речиси се уништени. На нивно место дојдоа Зелените кои се далеку порадикални од нив.
И братот на Герт Вилдерс (кој отворено не се согласува со неговите политика) порачува дека некои во Холандија прерано слават. Според него, ваквиот исход совршено му одговара на Герт бидејќи тој и немал намера да станува премиер.
„Следните четири години тој ќе ја расте партијата и ќе стане уште погласен опозиционер. Политички ќе остане фокусиран на Исламот, миграцијата и излегувањето во ЕУ но ќе ги користи сите средства да удира и по другите владини програми како што е здравството, образованието, пензиите“, вели постариот брат, Пол Вилдерс.
Од неговото интервју за Атлантик дозанаваме дека Герт бил интересен уште од мали нозе: бунтовен, бучен, без страв од авторитети и школи, панкер и женкар.