Таргетот што го спомнаа и ЕУ и САД е 15 милијарди кубни метри течен гас до крајот на годинава, со надеж дека до 2030 тоа ќе достигне до 50 милијарди кубни метри.
Деталите како ќе се случува сето ова не се јасни. Додека претседателката Вон дер Лајен зборуваше за „американската посветеност“ да ги обезбеди неопходните количества, во крајната заедничка изјава стои дека САД „ќе работат со меѓународните партнери и ќе се стремат да обезбедат“ овој товар да стигне до ЕУ во текот на годинава.
Подоцна американски функционери појаснија дека американското ветување за 15 милијарди кубни тони течен гас всушност е ветување дека американската администрација ќе помогне да се убедат компании во Азија и остатокот од светот своите очекувани пратки течен гас да ги препратат во Европа, како што се случило минатата зима.
Ова очекување е и покрај тоа што на состанок од почетокот на март на првите луѓе на американската ЛНГ индустрија беше предупредено дека временските услови „ќе одиграат главна улога во одредување каде ќе одат пратките, и дека студен бран би ги натерал азиските држави да го задржат ветеното гориво.“
Пред некое време Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) објави дека гас има, меѓутоа треба да се зголеми производството, проценувајќи дека ЕУ би можела да дојде до дополнителни 20 милијарди кубни метри гас на глобалните пазари, посебно ако запнат Норвешка и Азербејџан кои би можеле да обезбедат 10 милијарди.
Со сите овие мерки, ИЕА проценува дека ЕУ ќе може да ја намали потрошувачката на руски гас за една третина до крајот на годинава. Брисел се надева на две-третини.
Американскиот план за спас доаѓа со неколку услови. Првиот е ЕУ да потпише долгогодишни договори за набавка на природен гас од САД. Плус изградба на нови терминали низ европските држави „кои ќе покажат дека има голема побарувачка за американски гас до 2030.“
Европскиот парламент веќе гласаше за да одобри список на европски енергетски проекти кои треба да добија дозволи по забрзана постапка, меѓу кои има 20 проекти за терминали и гасоводи. Плус предложена е нова регулатива која налага залихите на природен гас во ЕУ пред почетокот на грејната сезона да бидат 90% полни.
Сите овие мерки што ги преземаат ЕУ и американските власти ги вадат од памет европските еко-активисти, кои ја обвинуваат ЕУ дека веќе има доволно капацитет за увоз на количините на природен гас што САД планира да ги испорача.
„Наместо да ги полнат џебовите на американските компании за фракинг, Европа треба да ја фокусира својата иднина на трајни решенија како унапредување на изолацијата на станбените згради, топлотни пумпи и обновливи извори на енергија,“ порачал претставникот на Глобал витнес, Муреј Ворти.