Прво сите копнени рути до Европа (Германија) беа блокирани, па откако тоа беше подмирено почнаа да ја укинуваат помошта што воените морнарици од Медитеранот им ја даваа на бегалците.
Откако и тоа успеа, почнаа да се воведуваат казни и забрани и за волонтерите кои го ризикуваат сопствениот живот за да им помогнат на луѓе што се дават. Некогаш имаше 12 „приватњаци“ што патролираат по Медитеранот за не дај боже да им се најдат на бегалците.
За сега работата на ЕУ се сведува на плаќање „рекет“ на секој од Блискиот Исток и Северна Африка што чува бегалци на своја територија, и хранење и обид да се вратат назад на бегалците кои веќе стигнале до европско тло.
Како резултат на ова, во првите четири месеци од годинава секој осми бегалец кој тргнал од Либија за Италија, починал по пат. Според Меѓународната организација за миграција бројката е секој 17-ти, во 2016-та било секој 43-ти.
Во 2013 во близина на италијанското пристаниште Лампедуза потона брод со 500 бегалци, од нив 300 го изгубија својот живот. Галамата, ужасувањето и ветувањата на европските политичари беа заглушувачки. Неколку години подоцна, истите тие политичари, и неколку нови, се подготвени да ги прифатат бегалските жртви како колатерална штета.
Тоа што Грција, Унгарија и Австрија го направија на тло, Италија го прави далеку понапредно и посеопфатно и на море и на тло. Не само што Салвини ја спречи секоја владина помош за новите бегалци, па ги блокираше и волонтерите, туку неговите парламентарци донесоа закон со кој од 2020 околу 130.000 имигранти на италијанска територија ќе бидат прогласени за нелегални. Дополнително тој ја укина „хуманитарната заштита“ која им дозволуваше на барателите на азил привремено да работат легално.
Еден бегалец од Сенегал, со моментален престој на клупа во римските паркови го објаснува пеколниот круг што Салвини им го има поставено:
„Без стан немам право да останам во земјата. Без право да останам во земјата не можам да најдам работа. Без работа, не можам да најдам стан.“
Процената на Шпигел е дека ЕУ катастрофално не успева да го реши проблемот, па обидот на Меркел за рамноправна распределба на бегалците од Германија се претвора во натпревар кој ќе направи полоши услови и пониски стандарди за бегалците.
Пример Унгарија моментално дозволува прием на бегалци во земјата, поточно по 2-ца бегалци на ден. Овие двајца одат на разговор со граничните стражари, кои решаваат дали тие имаат шанса да добијат азил, ако не ги враќаат во Србија. Останатите чекаат на границата со Србија пред два реда ограда, бодликава жица, термални камери и 24-часовни полициски патроли.
Зборувајќи за Салвини и Орбан, Шпигел (не знаеме дали ги фали или ги критикува) признава дека нивните политики довеле до значителен пад на миграцијата.
Еден од премините кој се уште функционира за бегалците е Шпанија, која на свој грб одржува каква-таква отвореност кон мигранти. Минатата година во земјата од Северна Африка се пристигнати околу 60.000 лица. Меѓутоа без поширока ЕУ стратегија околу мигрантите, Шпанија се реши на плаќање рекет, конкретно на Мароко, за да задржи што е можно повеќе бегалци. Благодарејќи на ова мароканските власти од почетокот на годината имаат фатено и вратено околу 30.000 бегалци.