Европа виа Бразил

Откако ЕУ со милијарди евра ја затвори турската бегалска рута, и почна дел од пребеганите да ги товари назад кон Турција, бегалците пробија нова рута која само ја потврдува нивната одлучност да стигнат до Европа. Новата рута води преку Бразил.

Крајната цел е Француска Гвајана, која е француска територија на североисточниот брег на Јужна Америка. Според законите на ЕУ, властите се должни да се грижат за секој бегалец што ќе стигне до оваа територија. Сириските бегалци фората ја дознаваат од Африканците кои веќе со години на овој начин стигаат до Европа.

Соговорникот на Сирија Дејли, Мухамед, целата процедура ја започнува во бразилската амбасада во Бејрут, каде бара туристичка виза. Бразил е една од земјите кои се уште имаат лабави услови за виза за Сиријци. Во рок од еден месец тој ја добива визата која му дозволува 90-дневен престој во Бразил.

Тој со авион стига до Сао Паоло, а од таму со неколку домашни летови и со автобуси стига до Француска Гвајана. Целиот пат го минува без шверцери на луѓе и слична логистика.

Единствено минувањето од Бразил во Француска Гвајана го прави преку нелегален премин, со брод преку река, за што плаќа само неколку бразилски реали.

По стапнувањето на нивна територија тој се пријавува во првата полициска станица. Ноќта ја минува во станицата од каде утрото заедно со уште дваесетина мигранти е префрлен во главниот град, Кајена. Таму тој е регистриран од француските власти, кои му објаснуваат дека ќе треба да почека еден месец додека да се обработат неговите документи. Властите обезбедуваат сместување за семејствата, меѓутоа самците се оставени сами да се снаоѓаат.

Два месеца подоцна, тој добива документи за 1-годишен привремен престој, со што тој има легален статус во Француска Гвајана додека чека на целосни документи. Со ова тој може да работи во регионот, меѓутоа не смее да патува надвор од него.

По седум месеци чекање човекот добива хуманитарен азил и дозвола да се префрли во "европскиот дел од Франција." Моментално тој од властите добива 300 евра месечно, сместување и документи за патување.

Неговата пресметка е дека оваа рута е далеку побезбедна, дека немаш работа со шверцери, а во однос на цената на авионскиот лет и патувањето до Француска Гвајана од 3.000 долари, тој објаснува дека исти пари би дал и за кој било од бродовите да те пренесе преку Медитеранот.

25 април 2016 - 11:12