Веќе не ни размислувајќи како да направи луѓето на прво место да не бегаат од родниот дом, решението што го понуди Европската унија беше да плати за создавање центри за бегалци во Северна Африка. Предлогот здружно беше прифатен од сите лидери на земјите членки, исто како што здружно беше одбиен од сите лидери на земјите во кои овие центри требаа да се изградат.
Идејата е луѓето што ќе бидат уловени во Медитеранот, наместо да бидат форвардирани во ЕУ државата која ги спасила/фатила (што е најчесто Италија), да се испраќаат во овие центри, каде меѓународни организации ќе утврдуваат кој од нив се квалификува да биде испратен во ЕУ како бегалец, а кој треба да биде вратен во неговата родна земја. Притоа ниту е познато како што било од ова ќе се утврдува, или каде ќе вратиш човек што не сака да ти каже од каде доаѓа.
Освен што ваквото перење раце од бегалците е спротивно со запишаните (помалку со практикуваните) вредности на ЕУ, тоа предвидува најголемиот товар да падне на државите од Северна Африка, кои се неспоредливо помалку опремени за справување со ваквите обврски отколку ЕУ.
Мелани Ворд во текстот за магазинот Политико наведува неколку причини зошто ваквите центри се проблематични:
- Прво, пред да го вратиш не можеш да знаеш дали бегалецот во својата родна земја е прогонуван од властите.
- Второ, центрите во Северна Африка ќе треба да следат некакви хуманитарни стандарди и покрај тоа што се наоѓаат во Северна Африка. Досегашните светски пракси на вакво аутсорсирање (без разлика дали во Австралија или на Лезбос), не даваат многу надеж за тоа.
- Трето, кој сè ќе биде прибран во овие центри? Ако правилото ги опфаќа сите што се фатени како се обидуваат да го минат Медитеранот со брод, тоа може да инспирира уште повеќе луѓе да се обидат да стигнат до Европа, надевајќи се дека и да бидат фатени ќе бидат однесени на безбедно.
- Четири, создавањето на овие центри претставува барање дупка во законот, а не решавање на проблемот, бидејќи предлогот јасно нагласува дека правилата на ЕУ за азил нема да важат за центрите што се наоѓаат вон ЕУ. Плус воопшто не се споменува каков процес ќе биде спроведен.
- Пет, по се изгледа дека само релативно мал број ранливи бегалци ќе добијат можност за преселување од центрите во ЕУ, а дополнително треба да се утврди кои држави на ЕУ ќе го исполнат своето ветување за прифаќање на овие бегалци.
Еден претходен ваков сличен обид, механизмот за згрижување на најранливите бегалци од Либија во Нигер, каде требаа да чекаат на раселување во ЕУ, беше укинат откако членките на ЕУ не ги исполнија ветувањата што ги дадоа за згрижување.