Откако минатиот месец Ердоган закажа вонредни избори за 24-ти јуни, година и пол порано, Акшенер важи за главен противкандидат на Ердоган. Според анкетите, Ердоган во прв круг ќе има лесна победа, меѓутоа разликата се намалува во вториот круг ако таму се соочи со Акшенер.
„Ова го кажувам уште од почетокот на процесот, во првиот круг, сите треба да гласаат за својот кандидат. Во вториот круг, во име на нашата демократија, на нашата држава, опозицијата треба да ги стави на страна сите недоразбирања и да го поддржи опозицискиот кандидат, без разлика кој ќе биде,“ објаснува Акшенер во интервју за Гардијан.
Акшенер верува дека ќе успее да ги собере незадоволните како од својата поранешна партија, така и од партијата на Ердоган.
Меѓу нејзините ветувања се поништување на проширените права на претседателот на земјата, враќање на преговорите со ЕУ, и враќање на слободите кои беа укинати како дел од вонредната состојба по неуспешниот пуч во јули 2016.
„Раководење од еден човек на среден и на долг рок многу ќе ја чини Турција. Демократијата не функционира во Турција и ние треба одново да ја воведеме и да го вратиме владеењето на правото и судството.
Јас сум муслиманка која ја применува верата, сум била на аџилак, меѓутоа власта во Турција мора да се потпира на право и закони. Секуларноста на државата овозможува промена на законите кои се направени за луѓе и нивна промена според потребите на граѓаните како што минува времето,“ објаснува Акшенер.
Асена (волчицата), еден од прекарите за Акшенер од нејзините симпатизери, стана водечки кандидат на опозицијата откако Абдула Ѓул еден од основачите на партијата на Ердоган кој ја напушти партијата заради несогласување со турскиот претседател, одлучи да не се кандидира на претстојните избори.
Инаку, партиите во Турција генерално се делат на десни и повеќе десни. Од воведувањето на повеќепартиски систем во 1950, левицата во Турција има владеено вкупно 17 месеци.
Последната порака на Акшенер во интервјуто е: „Сега е време за тие, мажите на власт, да почнат да се плашат.“