Клановите Талаи и Кипсигис бараат отштета од 200 милијарди долари и извинување за историските злосторства направени во Керико, во западна Кенија, еден од најпознатите региони за производство на чај.
Во тужбата двата кланови тврдат дека нивните луѓе присилно биле протерани од плодните земјиште во долината Рифт за да бидат направени плантажи за чај, заради кои земјата денес е водечки извозник на црн чај во светот. Кога Талаи почнале да се спротивставуваат на селењето, тие биле притворени во долина во близина на езерото Викторија, преполна со комарци и це-це муви од чии убоди многумина умреле.
Кога Кенија во 1963 се ослободува од британскиот колонијализам, преживеаните припадници на клановите се враќаат на своите земјишта, меѓутоа никогаш не добиваат сопственост врз нив, и од тогаш живеат околу плантажите.
„Денес некои од најуспешните компании за чај, како Унилевер, Вилијамсон, Финлеј и Липтон, ги заземаат и работат овие земјишта и продолжуваат да ги користат за генерирање на значителни профити,“ пишува во тужбата.
Експерти на Обединетите нации проценуваат дека повеќе од половина милион луѓе од областа Керико биле жртви на прекршување на човековите права за време на британскиот колонијализам. Истите овие експерти за загрижени околу недостатокот на одговорноста за тоа.
Во мај претставници на клановите се обиделе да се сретнат со тогашната министерка за надворешни, Лиз Трус, меѓутоа биле одбиени. Истиот месец 100.000 припадници на клановите му пишале писмо на принцот Вилијам.
Европскиот суд за човекови права сега треба да одлучи дали ќе го чуе случајот на кениските кланови или ќе го отфрли пред судска постапка.