„Топ 10 поп песни за кои не знаевте дека имаат мрачно значење“ на прва звучи како еден од оние сензационалистички наслови. Но по гледање на видеото сфаќате дека навистина некои песни на кои сте цупкале сметајќи дека се „хај-хуј“ всушност биле вистинска психоделија.
Конкретниов избор (ги има повеќе) е направен во 2017, но без оглед што до денес списокот веројатно би бил поголем, принципот останува. Ако мелодијата е весела и „денсачка“, тогаш можеш да пееш и дека си прележал и чума и Ковид-19, никој нема да сфати. Ниту пак ќе забележи дека помеѓу стиховите на Ник Кејв и оние на Бритни Спирс има и по некоја поетска аналогија.
Како пример ја земаме Hey Ya! на Outkast, која од време на време ни влегува во уво од нејзиното појавување, во 2003. Цели седумнаесет години ни на крај на памет не ни паднало дека тука станува збор за дисфункционални врски и генерална тага по минливоста на љубовната среќа, илустрирани со стиховите:
Ако велат дека „ништо не трае вечно“
Тогаш зошто љубовта би била исклучок?
Зошто, зошто
толку одрекуваме кога знаеме дека тука не сме среќни?
Во недоразбирањето на вистинското значење на песната секако помага (и во овој случај, но и во голем број други) живописното видео, на кое толпа народ скока, вреска, се радува и генерално не емитира ниту едно чувство блиско на скепса или интелектуална задлабоченост, за какви што станува збор во стиховите.
Во горниот избор има песни кои звучат како љубовни или дека имаат еротски конотации а се всушност за дрога или за ментални проблеми на млади кои стануваат масовни убијци. Има и такви кои звучат патриотски а се всушност остра критика на сопствената земја, или се затскриени автобиографски исповеди на изведувачите (на пример страв од спиење во темница). Ама кога на ова ќе се додаде некоја лежерна „инди“ мелодија или моќни рок гитари, сите тие значења некаде испаруваат.
Во претходен текст пишувавме за „Мондергрин“ или феноменот на погрешно слушање стихови од песни, кои потоа никако не можат да ни излезат од глава. Она што е опишано погоре секако не спаѓа во истата група, но сепак укажува на некаква когнитивна дисонанца помеѓу она што се слуша како (заразна) музика и она што би требало да се слуша како стих. Притоа она што победува изгледа е музиката.