Разговорот во интервјуто за Дојче Веле е следен:
„Борис Џонсон: Да ви биде јасно... Кога ги погледнав доказите, мислам луѓето од Портон даун, лабораторијата...
Дојче Веле; Значи тие имаат примероци...
Борис Џонсон: Имаат. И тие се апсолутно категорични и јас сам го прашав човекот ’дали си сигурен?’ И тој рече дека нема никаков сомнеж.“
Пред неколку дена Гери Аиткенхед од лабораторијата Портон даун, за Скај њуз изјавува дека „точниот извор“ на отровот не може да се утврди.
Околу судирот на изјави Ели Мае О’Хаган во Гардијан пишува:
„Еден од овие двајца мажи не е во право. Можно ли е тоа да е научникот кој цел живот се занимава со цврсти докази, или пак е британскиот Доналд Трамп: комплет со лудата фризура, неразбирливото ораторство и лабава врска со фактите?
Задача на британското новинарство е да истражи дали нашиот министер за надворешни работи го лажел светот за активностите на друга држава, но и покрај тоа интересот на медиумите беше насочен да покаже дека обидите на Џереми Корбин да предупреди дека треба повнимателно справување со целата работа се доказ за некакво негово немање патриотизам.
Тука имаме два одговора на надворешната политика: еден базиран на внимателно испитување на доказите и активирање на дипломатија, и друг кој вклучува јуриш во конфликт со силно вооружена суперсила.
Министерот за надворешни ја одбра втората опција, притоа невнимателно работејќи со фактите со цел да ја оствари таа.
Првата - таа околу која можеме да се согласиме дека ја претпочитаме - беше прогласена од медиумите, ториевците, и умерените лабуристи, како разединувачка и несериозна. Најголем дел од овие луѓе исто така се претворија во генерали од фотеља во моментот кога се крчкаше војната во Ирак, одлука која предвидливо стана најголемата дипломатска катастрофа на Британија во изминатите 30 години. Како одговор на нив, можам само да го парафразирам Клемент Атли: ’малку посветување време на проверка на сопствените постапки ќе биде многу добредојдено за вас.’
Неизбежно, Русија ги заштити своите национални интереси по коментарите од Портон даун и обвинувањата за таков гнасен акт, па тензиите ескалираа. А сепак Борис Џонсон, кој радо го ложеше оганот пред само две недели, останува на својата позиција. Секако едно од најосновните барања за позицијата министер за надворешни работи е да не лаже на меѓународна цена и да не ги влошува односите со другите држави?
Има бројни објаснувања за Тефлон способностите на Џонсон. Можеби привилегијата на богатите белци навистина толку преовладува што буквално можат да прават што сакаат и да не претрпат никакви последици. Можеби причината зошто е толку тешко да се посрами Џонсон е што тој изгледа како воопшто да нема капацитет да почувствува срам. Или, можеби заложничката ситуација во која се најде нашата премиерка по последните избори значи дека таа не може да му каже на Џонсон да напушти, без разлика колку лошо тој се однесувал.
Во секој случај, еден ден ќе се случи последната капка што ќе ја прелие чашата, и ова слободно може да биде таа.
Ако лажење на целата држава околу нешто толку сериозно не го врати Џонсон на резервна клупа, тогаш што е потребно за тоа да се случи?“