(Прво види колку сме ние понапред)
Лумумба е првиот премиер на независно Конго, кој е на власт од 24 јуни до 5 септември 1960. На предавањето на власта од колонизаторите тогашниот белгиски крал Бодуен Први ја фали колонизаторската администрација, а својот предок Леополд Втори, го прогласува за цивилизатор на земјата, без да ги спомне милионите убиени од него и во негово име.
По ова, вон договорениот протокол, почнува да зборува Лумумба, кој ги наведува маскарите, насилството и деградацијата што ја претрпеле Конгоанците под белгиска власт. Говорот е повеќе пати прекинат од громогласни аплаузи.
„Белгијците се шокирани. Никогаш претходно црн Африканец се немаше охрабрено вака да зборува пред Европејци.
Премиерот, кој во белгискиот печат беше опишан како неписмен лопов, го сметаа дека со ова го понижил кралот и белгиските функционери,“ пишува тогаш белгискиот академик Лудо Де Вит.
Подоцна многумина сметаат дека Лумумба со овој говор го потпишал сопственикот налог за смрт.
Десетина дена по ова, на 5-ти јули започнува конгоанската криза кога силите на Република Катанга, предводени од Моис Чомбе, а поддржани од дотогашните колонијалисти, Белгија, почнуваат војна против новата држава. Додека ова се случува, Лумумба е во константен судир со претседателот на Конго, Џозеф Каса-Вубу, што ескалира на 5 септември, кога Каса-Вубу во страв од државен удар, решава да ја распушти владата на Лумумба.
Како што ја губи власта така Лумумба станува мета на прогон и во еден момент се обидува да избега во Стенливил и таму да формира нова држава. Лумумба на 1 декември се предава на војската откако неговата сопруга и дете не стигаат на време да се евакуираат и се заробени.
На 17 јануари стравувајќи од немири и поддршка од дел од војниците што го чуваат во затворот, властите решаваат да го депортираат Лумумба во Катанга. Од моментот кога е примен во Катанга, почнува бруталното тепање и измачување на поранешниот премиер.
Истата вечер на 17, Лумумба е однесен на друга локација каде го чекаат три стрелачки водови под команда на белгиски офицер. На егзекуцијата се присутни претседателот на Катанга, Чомбе и двајца други министри, плус четири белгиски офицери кои работат за владата.
Еден од белгиските офицери со функција полициски началник на Катанга, Франс Версшуре, лично го води Лумумба и уште двајца други до местото за егзекуција, додека Белгиецот Џулиен Гат ја наредува стрелбата. Лумумба е убиен на 17 јануари 1961 меѓу 21:40 и 21:43.
Откако вечерта е закопан во плиток гроб, утредента не сакајќи местото да добие симболика за симпатизерите на Лумумба, белгиските офицери го откопуваат телото и почнуваат со пили да го распарчуваат. Целото тело е растопено во киселина, а коските што останале со смелени и расфрлани.
Во распарчувањето учествува и белгискиот полициски комесар, Жерард Соте, кој во целото касапење решава да земе еден позлатен заб од телото Лумумба „како ловечки сувенир“ (по негови зборови).
Забот до сега беше во сопственост на белгиската влада, а денес на церемонија во Брисел тој е предаден на семејството на Лумумба.