Откако изјави дека предвидува дека Русија ќе влезе во Украина, Бајден беше запрашан дали Русија ќе одговара во случај да изврши инвазија на земјата, на што тој одговори:
„Русија ќе одговара ако изврши инвазија, и тоа ќе зависи од она што ќе го направи.
Една работа е ако се случи некој помал упад, па тогаш ќе имаме борба што треба да се направи и што не треба, и.тн. Меѓутоа ако го направат она што се способни да го направат со силите распоредени на границата, тоа ќе биде катастрофа за Русија.“
Бајден не ја менува својата формулација ни на други прашања за време на прес-конференцијата околу санкциите, па одговара:
„Мислам дека ќе воведеме (тешки санкции) доколку имаше нешто - ако има руски сили кои ја преминуваат границата, убиваат украински борци, и.тн. Мислам дека тоа менува сè.
Меѓутоа зависи од тоа што ќе го направи.“
Американскиот претседател призна дека постои неединственост во рамките на НАТО околу тоа како да се реагира во случај на „мал упад“. Според СиЕнЕн ова ја „соголува борбата што ја води Бајден во создавање на значителни последици за Москва, која останува економски преплетена со водечките европски партнери на САД.“
По месеци секаква поддршка од Западот и САД, изјавата на Бајден беше најголемиот шамар што Украина го има добиено од истите овие партнери. Очекувањата на Украина за посилна поддршка од САД беа посебно засилени од тоа што дента во земјата пристигна американскиот државен секретар Ентони Блинкен (чиј татко е роден во Киев), за да ја изрази својата поддршка за земјата.
Во меѓувреме Литванија, Латвија и Естонија ја добија дозволата од Стејт департментот, да испратат американско оружје од своите залихи во Украина. Изминативе денови британската армија беше најактивна во испорака на лесно против-оклопно вооружување на украинската војска.