Во својата прва верзија Легијата е платеничка сила која гарантира имунитет од кривично гонење, и француско државјанство. Во втората верзија Легијата станува заменско семејство. Денес, во третата верзија тие се елитна воена сила од рангот на британски САС и морнаричките Фоки во САД.
Она што останува заедничко за денешната Легија со нејзините претходни изданија е марширањето (за да се приклучиш мораш да истераш неколку маршови во полна опрема од 50 до 120 километри) и мажи кои се приклучуваат што се уште се желни за борба.
Легијата на странци има 8.000 легионери, а годишно прима околу 1.000 нови за освежување на своите редови. Од неколкуте илјади регрути кои секоја година се пријавуваат за овие 1.000 места, околу 80% се одбиени, некои баш и затоа што имаат сериозно криминално досие или се барани од полицијата.
Просечната возраст на новите регрути е 23 години, а во последно време 42% од нив доаѓаат од источна и централна Европа, 14% од западна Европа и САД, и околу 10% од Франција. Уште 20% се поделени меѓу регрутите од Латинска Америка и Азија.
Легијата е составена од неколку родови: инженери, падобранци, коњица, пешадија и пионери. Падобранците се стационирани на Корзика, и се уште не им се дозволува пристап во Франција по обидот за државен удар од 1961. Останатите родови се сместени во Француска Гвајана и Обединетите арапски емирати.
Пријавувањето на регрутите започнува во еден од неколкуте центри во Франција. Тие што таму ќе минат се испраќаат во Обањ, мал град на околу 20 километри од Марсеј. Таму следува селекција која трае една до две недели и во која регрутите минуваат голем број психички и физички тестови. Минималната возраст за пријавување е 17,5 години, а максималната 39,5. Нема никакви предуслови во однос на образование.
Откако ја минуваат селекцијата во Обањ, регрутите потпишуваат 5-годишен договор и се испратени на "фармата" на Пиринеите каде што следува 6-неделен пеколен тренинг кој служи како уште еден круг на селекција.
Тука регрутите, меѓу другото, се запознаваат со дисциплината карактеристична за Легијата, каде е општо прифатено дека строга дисциплина е единствениот начин маж да се искали и вклопи од неговите очајни почетоци во борбена единици. Легијата им дозволува на офицерите да ги удираат војниците како дел од секојдневната рутина.
Бидејќи Легијата се поставува како ново семејство, таа на своите регрути им дозволува да изберат ново име - име кое ќе го носат до крајот на животот. Така регрутите стануваат луѓе со нов идентитет, нова држава, и најважно - нов живот. Она што е карактеристично за овој нов живот е што тој се води во свет во кој се почитува смртта.
Договорот со Легијата може да биде продолжен пред самиот истек, а легионерите по 3 години служење имаат можност да земат француско државјанство. Една од традициите на Легијата е дека секој легионер ранет во борба автоматски добива државјанството без разлика дали ја завршил службата, станувајќи "Французин преку пролеана крв".
Токму пролеаната крв и смртта се провејуваат низ целото искуство на легионерите. Во седиштето на Легијата се наоѓа храм во чиј центар е дрвената рака на капетанот Жан Данжу, кој загинува во Мексико во 1863. Раката е оградена со јаже а на ѕидовите околу нејзе испишани се имињата на мртвите легионери - сите 40.000 убиени легионери од основањето на Легијата во 1831 до денес.
Белата боја на капата што ја носат легионерите, треба да биде бела како коски на сахарска камила, и таа е посветена на Алжир, првиот дом на Легијата. По француската окупација на Алжир во 1830, се јавува потреба за смирување на новата колонија. Во француската армија и претходно има платеници, ама тие се организирани на национална основа. Исклучок од ова е Хоенлое полкот, составен претежно од Германци, меѓутоа има и други националности. Тој е основан во 1815 по поразот на Наполеон, а се распаѓа во 1831 кога странците од француската армија се инкорпорираат во новоформираната Легија на странци. Со ова одредена германска жичка влегува во ДНК-та на Легијата, а по Првата и Втората светска војна Германците се најбројни припадници во Легијата.
Токму почетоците во Алжир и бруталната колонизација на земјата и ја носат репутацијата на Легијата. Она што тие таму го учат (издржливост и техники како пешадијата да мине по 80 км на ден) го пренесуваат на боиштата во Тунис во 1881, и Мароко 1911. Периодот во Сахара го има пресудното влијание на тоа во што се оформува Легијата.
Ервин Росен во своите мемоари од 1910, Во Легијата на странци, објаснува дека животот во Легијата е бесконечен напор. Кога не маршираат, а маршевите им се по 40 километри низ пустина кои треба да се пројдат за 8 часа со полна опрема од 50 кг. на грб, тие се на должност за чистење. Легионерите им се на располагање на колонијалните власти во Алжир за највалканите работи. Буквално валкани, како чистење канализации во локалните затвори. Легионерите се сметаат за најдолниот слој луѓе кој треба да ја заврши оваа работа. Росен пишува и дека најголемиот број патишта во Северна Африка се изградени од Легијата, бидејќи биле најевтината работна сила.
Ваквата околина резултира со откажување од сè и дезертирање, кое станува полесно по 1962 кога Легијата го сели своето седиште од Алжир во Обањ. Во минатото следува инстантна казна за фатениот дезертер чии раце се врзуваат за стап кој штрчи од страна на коњска кола, додека нозете му се слободни да оди. Во моментот кога ќе се истошти, и не може повеќе да оди, тој е влечен до крајната дестинација, од што му се прават дупки во чизмите и нозете.
Една од клучните легенди на Легијата е од Битката за Камарон на 30 април 1863 и смртта на капетанот Жан Данжу. Капетанот испратен во Мексико како дел од обидот за поставување на европски владетел во земјата, завршува опколен од 3.000 мексикански војници. Тој и неговите 64 легионери, и покрај понудата, решаваат да не се предат и да се борат. Данжу загинува во битката, како и останатите, освен 6, легионери. Последните шестмина се борат до последниот куршум, по што тргаат во јуриш со бајонети. Некако тројца од овие шестмина успеваат да преживеат (со рани) и се помилувани од мексиканскиот офицер кој е воодушевен од нивната храброст. Тројцата се предаваат само откако нивните барања се исполнети: да ги задржат своите пушки и да бидат почесна стража на телото на капетан Данжу. Во целата збрка во претстојните денови, тие не забележуваат дека фали еден дел од телото на Данжу - неговата дрвена рака. Таа е најдена од еден мексикански земјоделец, кој по долго преговарање се согласува да им ја продаде на легионерите. Ова е раката која се наоѓа во храмот во Обањ, пред која се заколнува секој нов легионер, и каде се збогува секој легионер што ја завршил својата служба. Денот на смртта на Данжу се слави секој 30-ти април како Денот на битката кај Камарон.
Тука продолжува.