Зошто либерализмот не успеа

Точно е дека либерализмот е најуспешната идеја од изминатите 400 години, ама точно е и дека неговите најдобри години веќе се завршени, се тврди во нова книга со идентичен наслов како текстов.

Во изминатите 4 векови либерализмот е толку успешен што нема ниту еден противник кој отворено може да му се спротивстави, меѓутоа според професорот по политика на Универзитетот Нотер Дам, Патрик Денин, “тој сега се распаѓа, уништен од мешавина на самобендисаност и интерни контрадикции.“

Симптомите за залезот на либерализмот според Денин се насекаде, посебно во Америка.

„Основните принципи на верата се распарчени. Еднаквите можности создадоа нова меритократска аристократија која ја има целата индиферентност на старата аристократија меѓутоа ни најмалку од нејзиното чувство дека привилегираноста носи одговорност.

Демократијата дегенерираше во театар на апсурдот. А технолошкиот напредок сведува се повеќе работни позиции во бесмислено р’мбање.

Денин пишува ’јазот меѓу тврдењата на либерализмот за самиот себе и реалноста што граѓанството ја живее, веќе е толку голем, што лагата повеќе не може да биде прифатена.’

А што е подобар доказ за ова отколку глетката како 1.000 приватни авиони ги разнесуваат своите патници во Давос за да го дискутираат прашањето за ’создавање заедничка иднина во фрагментираниот свет?’“ се објаснува во рецензијата на Економист на книгата на Денин.

Професорот во книгата потсетува дека пред создавањето на модерниот либерализам, филозофите ја поистоветуваат слободата со самоконтрола наместо со себе-изразување, со поразување на хедонистичките желби наместо со оддавање на нив.

Во рецензијата се признава дека Денин одлично го претставува сегашното чувство на незадоволство, „кажувајќи ги левичарските поплаки околу разјарениот комерцијализам, и десничарските поплаки околу самозаљубените и насилни студенти, и генералната загриженост околу атомизацијата и себичноста.“

Нивната забелешка е со заклучокот на Денин дека либерализмот пропаднал, и по оваа основа сметаат дека книгата има две фатални грешки.

Првата е неговата дефиниција за либерализам, односно дека Денин е еден од историчарите кој е екстремен во своето трупање на работите на куп. Па заради тоа, тој не ги зема предвид „обемниот опсег на интелектуални традиции“ кои дават различни одговори на актуелните проблеми со кои се соочува светот и либерализмот.

Втората грешка е „неговиот неуспех да ја препознае способноста на либерализмот да се реформира себе си и да ги реши внатрешните проблеми.“ Како пример за ова од Економист го даваат крајот на 19-от век кога САД се соочуваат со слични проблеми како денес, создавање на бизнис аристократија, раст на огромни компании и политичка корупција.

„Меѓутоа најразлични реформисти, работејќи во рамките на либералната традиција, директно се соочија со проблемите. Теодор Рузвелт се справи со трустовите. Прогресивците ја исчистија корупцијата во владата. Универзитетските реформисти го модернизираа школувањето и создадоа скали од можности. Наместо да умре, либерализмот се реформираше себе си,“ се објаснува во рецензијата.

Од Економист се на страната на Денин кога зборува дека либерализмот нема баш најдобри резултати последниве години. Тие објаснуваат дека најголемиот непријател на либерализмот е алчноста, „како членовите на елитата од Давос кои ги трупаат своите порции со дополнителни приходи и акции, повисоко од кога и да е.“

„Меѓутоа тој не е во право кога тврди дека единствен начин луѓето да се ослободат себе си од контрадикциите на либерализмот е ’ослободување од самиот либерализам.’

Најдобриот начин да ја читаш ’Зошто либерализмот не успеа’ не е како погребен говор туку како повик на акција: стегнете се, или готово,“ се порачува во рецензијата.

6 февруари 2018 - 17:10