Зошто Хилари Клинтон изгуби

Самата Хилари верува дека за поразот е виновен Џејмс Коуми, директорот на ФБИ кој на само неколку дена пред изборите го извести Конгресот дека повторно ја отвора постапката против неа. Според луѓето од нејзината кампања причината е "збир неконтролирани ветрови во гради". Добар дел од демократите за ова ја обвинија нејзината кампања и стратегијата.

Иако демократите не му простуваат на Коуми, тие се со став дека Клинтон и нејзините луѓе не смееле да дозволат кампањата да биде подложна на такви удари и да ја остават изложена на изнудувања во последен момент. Според нив да не беа ваквите грешки одлуката на Коуми немаше да го има истото влијание.

Атлантик анализира дека двете главни слабости на Хилари, губењето на гласовите од работниците и гласовите од младите луѓе и малцинствата (т.нр. Обама коалиција), се должат на една грешка - нејзината одлука да ја нагласи општествената разноликост на сметка на економската еднаквост.

Моли Бол од Атлантик наведува 5 објаснувања за поразот на Хилари.

Објаснување бр. 1: Белата работничка класа. Трамп успеа да ги освои гласачите без факултетски дипломи, додека тимот на Клинтон калкулираше дека овој блок е загубен и може да биде игнориран, а за сметка на тоа таа да се посвети на повисоко образованите и стручни работници. Самиот Бил Клинтон вршел притисок Хилари да не ги заборава обичните работници, што било одбиено од луѓето од нејзината кампања како застарено размислување.

Она што веројатно го имаат предвид луѓето на Хилари е дека таа последниве 8 години станува синоним за глобалната елита, па не веруваат дека обичниот работник ќе може да се идентификува со нејзе како што тоа беше случај на изборите во 2008, кога голем број од нив својот глас го дадоа за Обама.

"Во меѓувреме, фокусирањето на Клинтон на умерени републиканки со факултетска диплома значеше дека таа се потпира на мека поддршка од група која попрво, кога се би се земало предвид, би гласала за републикански кандидат. Кога се појавија свежи обвинувања околу Клинтон, оваа група беше спремна да и го сврти грбот," пишува Бол.

Објаснување бр. 2: Обама коалицијата. Додека нејзината кампања се фокусира на реклами насочени кон неодредените гласачи од предградијата, се појавуваат се повеќе знаци дека црнците и младите гласачи не се инспирирани од нејзината кандидатура.

Иако анкетите покажуваат дека на овие две групи не им се допаѓа ниту еден од двата кандидати, кампањата на Клинтон верува дека тие ќе излезат на гласање бидејќи се плашат од Трамп.

Наместо тоа 8% од црнците под 30 години гласаат за некој од споредните кандидати, исто како и 5% од латиносите под 30 години.

Дополнителен проблем за Демократската партија е што луѓето од Обама коалицијата никогаш не излегле на гласање кога Обама не бил на ливче.

Објаснување бр. 3: Економската порака. Она што според критичарите се проткајува кај претходните два проблема, е тоа што кампањата повеќе се фокусира на општествени прашања и прифаќање на разликите, отколку на економска правда и еднаквост.

"Овој резултат е кулминација на долгорочен процес кој почнува одамна, во кој Демократската партија низ годините ја напушта работничката класа и проблемите на работничката класа и станува партија на професионалната класа," објаснува Томас Френк авторот на " Listen, Liberal!".

Иако Клинтон зборува за оданочување на богатите, редистрибуција на богатството и воведување најразлични нови бенефиции за вработените, таа ретко кога зборува за нови работни места, "нејзината порака 'America is already great' не мина добро вон границите на богатите елити на кои периодов навистина добро им оди, посебно наспроти десничарскиот економски популизам што го шири Трамп."

Во претставувањето на Трамп таа инсистира дека тој е неподобен за работата, а не дека е "богаташ кој нема чувство за ништо и кој не може да ги сфати проблемите на обичните луѓе". Во разговорите со гласачите црнци добива впечаток дека ним многу помалку им смета расизмот на Трамп, кој за нив не е ништо ново, отколку тоа што тој го има наследено своето богатство и не морал ништо да прави за да ја добие својата позиција.

Објаснување бр. 4: Машинеријата. Кампањата на Клинтон ја води "гуруто за организирање на терен" Роби Мук, врз основа на моделот на Обама за организирање. Критиките се дека тие премногу зависат од бројки и аналитики, "а не доволно од инстинкт и човечки информации од теренот."

Освен критиките за ова од луѓето од партијата, и двајца поранешни советници на Берни Сандерс за Хафингтон пост тврдат дека Клинтон без да е свесна им се обраќа на симпатизери на Трамп само заради нивниот демографски профил.

Објаснување бр. 5: Ароганција. Дури и при крај на кампањата Хилари инсистира на лесен распоред, и одржување на помалку настани отколку нејзиниот ривал. На самите демократите не им е сеедно заради ова, и веруваат дека "таа ја доживува победата за завршена работа, наместо уште да се бори за нејзе".

"Бавното темпо на Хилари одговараше на перцепцијата дека таа е уверена дека маршира кон неизбежно крунисување. Неизбежноста не и тргна од рака на Хилари во 2008, и не и тргна ни годинава.

Ова секако не беше убедлив пораз за Клинтон и Демократите - таа освои мнозинство од гласовите на народот, а Трамп доби помалку гласови отколку Ромни пред четири години. Меѓутоа ова изнесе на површина се поголемото незадоволство во редовите на Демократите - прашања кои, во ретроспектива, победите на Обама и дисфункционалноста на Републиканците, со години ги прикриваа. Сега прашањето е како Демократите ќе ги соберат парчињата," пишува Бол.