"Очигледен факт ама треба да се запамети: ИСИС го револуционизираше тероризмот, на ист начин како што Убер и сличните на него ја раздрмаа економијата. Кога ќе размислиш, процесот е многу сличен," пишува поранешниот советник на француската влада за анти-тероризам, Хјуз Муту во текстот за Фигаро.
Системот кој до сега постоше во терористичките организации е базиран на олигополски, хипер-централизиран и специјализиран пазар. Историски, терористичките организации се поставуваат копирајќи ја армиската структура. Имаат јасна хиерархија а нивната професионална поставеност е стриктно регулирана. Организацијата идентификува поединци, се обидува и ги убедува дека треба да се борат на нејзина страна, инвестира во нив, ги обучува, опремува и ги испраќа во странство. Потребно им е да постават мрежа и да воспостават синџир на набавка. Тероризмот е сериозен бизнис за кој треба време и пари. Спектакуларните операции се комплексни, па затоа се и ретки.
"Тоа е во 20-от век. Од тогаш работите се менуваат. Со ИСИС доаѓа и 'Убер-тероризмот'. Он-лајн платформа ги поврзува тивките партнери и снабдувачите на услуги низ цел свет. Како и основачите на Убер кои создаваат сервис на приватни шофери по потреба, и им дозволуваат на обични индивидуи да превезуваат муштерии, ИСИС ги собори правилата на тероризмот и целосно го либерализираше.
Генијалност е во тоа што тие сфатија дека нивната работна сила не е ограничена, туку напротив, ја има во изобилие. Се што тие требаа да направат за да го револуционизираат тероризмот е да ги соборат внатрешните правила и ограничувања, да го прекинат процесот на селекција и да го укинат посредникот.
ИСИС сфати дека секој што смета дека има за нешто да му врати на општеството е потенцијален терорист. Сè што беше потребно е оваа омраза да се канализира. За оваа 2.0 организација, потенцијалните терористи се вистинската работна сила, достапна како вода од чешма, која може да биде пуштена и запрена во волја. Речиси секој може да стане терорист се додека тој, во некој момент, сака или е убеден дека сака да биде тоа.
Економскиот модел на уберизираниот тероризам е толку совршен што потенцијалните терористи се сметаат како индивидуални договорни странки кои дури се одговорни и за финансирање на операцијата. ИСИС им дава цел на своите 'фриленс претприемачи' и им ветува слава. За возврат, тие мора да ги сносат трошоците, вклучувајќи набавка на возило, или оружја," пишува Муту.
Додека безбедносните служби се навежбаа за следење и справување со џихадистите што доаѓаат од Ирак, Сирија или Либија, тие комплетно се импотентни кон новите терористи, "никогаш претходно тие се немаат справено со опасност која е толку постојана, раширена и општа".
Според Муту безбедносните сили немаат друго решение освен да ја менуваат стратегијата и методите, а владите немаат друго решение освен жртвување на дел од сега гарантираните човекови права во име на поголема безбедност.