Од една страна точно е дека ситуацијата во Европа е дојдена до таму што еден од најлесните патишта до власт и гласови на избори е да направиш се што можеш за бегалците повеќе да страдаат. Или како што ќе ја објасни данската министерка за имиграција нивната одлука за префрлање на непосакуваните бегалци на остров кој првично е наменет за вдомување на заразни животни „тие мора да разберат дека тука не се посакувани“.
Само неколку дена пред оваа одлука, алжирскиот интелектуалец Камел Дауд во текст под наслов „Не е доволно да се обвини Западот; сите сме одговорни за оваа трагедија“ објаснува дека за него „Западот не е ни правичен ни неправичен“:
„Јас не уживам во чекање правда, како да тоа е нешто кое зависи од нечија дарежливост кон мене, како да е тоа подарок.
Јас сум одговорен за мојот свет, и оваа одговорност не може да се крие зад пост-колонијалниот дискурс. Досадено ми е да слушам дека ние сме жртвите и дека Западот е нашиот џелат, единствениот одговорен за нашата сегашна трагедија.“
Дауд ни најмалку не го поштедува Западот од неговиот удел во вината за третманот на бегалците, но најголемиот дел од кривицата го префрла на околностите кои ги натерале овие луѓе да избегаат од родната земја и на арапските интелектуалци за кои целата вина паѓа врз Западот.
„Секој ден во мојата држава читам текстови во конзервативниот исламистички печат во кој мигрантите кои доаѓаат од суб-сахара се нарекуваат Африканци, како ние што сме од Магреб да сме Јапонци.
Овие текстови тврдат дека мигрантите се виновни за криминал и насилство, и за ширење болести, и дека се на се тие се закана. Ова се истите навреди што во Европа се користат против мигрантите кои доаѓаат од Магреб,“ пишува Дауд.
Тој признава дека и нему му дошле мисли за заминување во Европа кога син му на 1-годишна возраст сериозно се разболел, и покрај тоа што отсекогаш бил против заминување од Алжир. Тој исто така признава дека кога ќе види стотици африкански мигранти како минуваат покрај неговата куќа, не може да го ублажи својот страв и индиферентност кон нив.
„Ме фаќа нервоза за комфорниот живот во кој имам инвестирано толку многу години за да го создадам. Загрижен сум за мојата безбедност. Одеднаш, јас во исто време сум и човек од Западот и човек кој пристигнал од суб-Сахара. Ги разбирам оние кои не сакаат да им доаѓаат други, како што ги разбирам и оние кои сакаат да ги напуштат своите земји,“ пишува Дауд.
Во текстот тој нагласува и еден парадокс на арапскиот свет, кој не чувствува никаква одговорност кон бегалците што се сместени кај нив поставувајќи се како попатна станица на нивниот пат до Европа.
„Западот е замислен простор кој опфаќа мноштво перцепции кои доаѓаат од југот. Ние сонуваме да одиме таму, но исто така и да го уништиме, да живееме таму но и да го доведеме до крах, да ја смениме неговата религија но и да уживаме во можностите и слободите што таа ги обезбедува... арапските држави го искористуваат Западот посебно со цел да избегнат одговорност за нивниот сопствен свет,“ порачува Дауд.