Гамуди е сместен во Зарзиз, каде бродовите на крајбрежната стража секој ден носат нови лешови што ги нашле во морето. Најголемиот дел од нив се претерано деформирани и немаат никакви документ за бидат идентификувани, ниту пак властите можат или имаат капацитети за да го сторат тоа.
На прашањето: тогаш што се прави со стотиците тела кои се појавуваат на брегот на Зарзиз, од Црвената полумесечина објаснуваат:
"Според закон лешот треба да го ставиш во амбулантна кола, ама властите не даваат дозвола за ова, ниту пак луѓето сакаат ти да им ја користиш."
Не само што централните власти не сакаат што било да имаат со телата, туку и локалните жители имаат одбивност кон целиот проблем, "не сакаат телата да бидат во иста мртовечница како и нивните блиски, па дури и да немаа проблем со ова, мртовечницата во Зарзиз има капацитет за 6 лешови, а некогаш и по 30 тела испливуваат во еден ден."
Ако телата се донесат во болница, мирисот и стравот од болести ќе ги разгневи жителите, а тие не дозволуваат да бидат закопани ниту на градските гробишта.
Во ваква околина, единствено решение е лешовите да бидат товарени во камиони за ѓубре и да бидат однесени директно на еден плац оддалечен околу 8 километри од Зарзиз.
Локацијата на која се закопуваат лешовите е обележана само со два камени столба, кои стојат на влезот од инаку неограденото парче земја. На плацот нема никакви други физички ознаки, надгробен споменик, плоча или какви било маркери кои ќе покажат кој леш каде е закопан. Не постои каков било систем на правила, ниту парцели, за тоа каде треба да се закопа следниот леш, туку се прават дупки каде се стигне.
Новинарот Ерик Риди кој ја прави репортажата, објаснува дека и покрај сето што го пренесува за Тунис, ситуацијата во Либија е далеку полоша. Не само што во Либија се појавуваат повеќе лешови, туку заради распаѓањето на централната власт во земјата, таму воопшто не се ни знае колку бегалци се закопани кај нив, ниту каде. Според Гамуди во 2013-та и 2014-та имало само еден човек кој вршел инспекција на телата насукани на брегот на Либија. Годинава нема ниту еден.