За да преживееш мора да работиш нешто. За да работиш нешто, мора да прифатиш каква било работа. "Каква било работа" се такви работни места кои не оставаат никаква можност да заштедиш било што за да можеш да се спремиш за подобро платена работа.
Тоа е магепсаниот круг на сиромаштијата која првенствено на примерот на жените го анализира Барбара Еренраих чии наоди покажуваат дека некогаш е е поскапо да си сиромашен: ако не можеш да собереш доволно пари за депозит за кирија (прв и последен месец) принуден си да преноќуваш во мотел, ако немаш кујна или фрижидер, пазариш поскапи производи, ако итно да ти требаат пари, ги позајмуваш по најлоши услови, ако возиш крнтија од кола те сопира полицаец и ти пишува пријава за немање ретровизор по што мора да најдеш пари за казната која ќе биде поголема од самиот ретровизор....
А невработените самохрани мајки често пати биле обвинувани дека се инкубатори на општествената сиромаштија бидејќи со својот пример ги трујат своите деца. Авторката покажува дека работните места кои најчесто им се нудат (келнерки, негувателки на беспомошни лица, хигиеничарки или продавачки во големи ланци како Волмарт) не оставаат никаков простор да се заработи доволно за да се излезе од тој круг.
Економската рецесија која ги погоди САД во извесна мерка ги разниша темелите на раширените стереотипи дека сиромаштијата е индивидуална вина бидејќи милиони луѓе - и добро едуцирани и доволно амбициозни - одеднаш се најдоа од другата страна на приказната.
Време е да станеме свесни за колективната одговорност за најсиромашните меѓу нас во кои непропорционално има многу жени, особено оние со поинаква боја на кожата. Додека тоа не се случи, треба да знаеме дека жените кои за мали пари ни ги чистат домовите, ни прават ручеци или се гриужат за старите се вистинските филантропи на ова општество, порачува Барбара Еренраих.