Во основа постојат две сценарија кои повторно би го извадиле Трамп на партиски избори за номинација за републикански кандидат за претседател на САД. И двете би можеле да се случат во 2019, и за двете е потребно на доволно голем број републиканци да им пукне филмот од Трамп и да предложат партиски противкандидат.
Треба да се спомне дека ова е само мисловна вежба бидејќи е малку веројатно дека Трамп ќе се најде во позиција да треба од ново да го изодува целиот пат за кандидатура од Републиканците. Моментално тој има 89% поддршка меѓу луѓето кои себе си се идентификуваат како Републиканци.
Првото сценарио опфаќа некој посериозен настан кој целосно би го изместил текот на претседателството на Трамп, кое би ја збришало поддршката што тој ја има во рамките на Републиканската партија.
Пример Трамп со целата своја непредвидливост да направи нешто кое длабоко ќе навреди поголем блок од неговите гласачи, од типот номинирање на про-абортус судија за американскиот Врховен суд. Ова сигурно ги оддалечува христијанските конзервативци, еден од најголемите гласачки блокови кај Републиканците, кои гласаат за него.
Во ова множество влегува и можноста истрагата на Роберт Мулер против Трамп во текот на годинава да донесе некои посериозни откритија за негова соработка со Русите за изборите во 2016. Моментално иако демократите веруваат дека станува збор за сериозна истрага, републиканците упорно се на став дека станува збор за политички монтиран процес.
Во настани кои би можеле да бидат потенцијална пресвртница се вбројува и неочекувана рецесија на американската економија.
Второто сценарио опфаќа луѓе од партијата кои не се согласуваат со него да се организираат и заеднички да работат против него со вадење алтернатива.
Овие групи ги опфаќаат оние републиканци под 30-годишна возраст кои ја напуштија партијата за време на владеењето на Трамп, плус членовите под 45 години кои се групата кај која Трамп има најмала поддршка. На сите овие се надодаваат и поранешни републикански функционери и високо позиционирани ликови кои беа изиграни или оддалечени од постапките и појавата на Трамп.
Досегашната математика покажува дека доколку актуелниот претседател нема партиски противкандидат неговите шанси за реизбор се големи, и обратно. Ова е според искуствата од Форд, Картер, и Буш постариот, чија кандидатура за втор мандат започна со против кандидатура од сопствената партија, и иако сите тројца ги добија партиските избори, тие беа поразени на изборите за претседател. Наспроти нив, Клинтон, Обама и Буш помладиот немаа против кандидат за изборите за втор мандат, и завршија со уште еден 4-годишен ангажман.
Истото важи и за шансите на Трамп да биде реизбран.