Пировата победа на Ердоган

Турските гласачи во неделата ги прифатија 18-те уставни амандмани што претходно беа прифатени од парламентот. Повеќе од еден век парламентаризам ќе биде заменет со турски тип на претседателски систем кој е скроен за актуелниот претседател, пишува професорот по Меѓународни односи на Кадир Хас Универзитетот во Истанбул, Соли Узел.

Новите правила што беа изгласани ќе бидат воведени во 2019, по парламентарните и претседателски избори во земјата. Со нив:

- Се укинува позицијата премиер и сите овластувања одат кај претседателот на земјата, кој истовремено е и претседател на партија.

- Националниот парламент, основачката институција на турската република, губи голем број од своите овластувања, како и капацитетот да го контролира работењето на претседателот, затоа што претседателот во секое време ќе може да го распушти парламентот.

- Се менува начинот на кој се именуваат судиите, со што одделувањето на судската власт станува безначајно.

Во кампањата Ердоган го впрегнува комплетниот државен апарат - од локална бирократија до највисоки државни функционери. Владата дели субвенции на различни групи, а провладините медиуми се мобилизирани во поддршка на кампањата "За".

Наспроти нив, од кампањата против беа пријавени најмалку 200 документирани напади, од кои дел беа насилни. Припадници на курдската Народна демократска партија, вклучувајќи ги и двата ко-претседатели, уште од ноември се во затвор. Плус, на денот на гласањето турската ДИК одлучи дека се прифаќаат и гласачките ливчиња што го немаат официјалниот печат.

"Сепак, тесната победа на Ердоган може да се претвори во Пирова победа, имајќи предвид колку остро се подели земјата.

Гласањето 'не' беше концентрирано во економските центри на Турција, како западниот и јужниот крајбрежен регион, и доминантно курдскиот југоисток, како и двата најголеми града во земјата, Истанбул и Анкара. Од 20-те економски најважни градови на Турција, гласачите во 13, на кои отпаѓаат 62% од националниот приход, доминантно беа против уставните реформи...

... Ердоган беше видливо потресен од тоа колку се блиски резултатите. Меѓутоа, како господар на политичката игра во Анкара, тој ќе се обиде да ја оформи агендата, и да остане на неговиот пат, потпирајќи се на поделеноста дома, и, можеби, на авантури во странство. Тој не даде никаква најава дека ќе се обиде да ги опушти тензиите во земјата. Напротив, тој најави дека повторно сака да ја воведе смртната казна - потег што ќе ја оддалечи Турција од приближување кон ЕУ.

Референдумот сигурно само ќе ги продлабочи турските предизвици дома и во странство, кои само се натрупуваат од обидот на државен удар во јули. Добра вест е дека силната позиција на противниците на референдумот, и нивната способност да се мобилизираат преку алтернативни медиуми и микро-организации, дури и под директен притисок, покажаа дека турското општество останува живо.

Ама ова е само почетокот. Оние кои сакаат да ја спречат Турција да падне во стапицата на изборна авторитарност сега мора да формираат нов политички простор и да дадат алтернативи на лидерството. Ако не го направат тоа, Ердоган ќе победи на претседателските избори во 2019 - и брзо ќе ја искористи својата ново-проширена моќ на начин кој ќе биде многу потежок за справување," пишува професорот.

19 април 2017 - 13:49