Пеколот на трчање маратон

Без разлика колку позитивно делува физичката активност, човековото тело во никој случај не е предвидено да може да истрча 42 километри без престан. Подвигот на трчање маратон доаѓа по цена на зијан на речиси цело тело.

На страна воспалените мускули, црвенилото меѓу нозе и под пазуви, и чувството на исполнетост, маратонците ќе имаат и други заеднички работи, најголемиот дел од нив медицински:

- нивното тело очајно ќе се обидува да го врати физиолошкиот еквилибриум кој бил пореметен за време на маратонот. Меѓу промените кои ги доживуваат маратонците за време на трчањето се - забрзано и подлабоко дишење, срцето пумпа зголемено количество крв, повеќе крв се испраќа кон мускулното ткиво за сметка на внатрешните органи, промена на концентрацијата на различни хормони.

- телото ослободува молекули од црниот дроб, срцето и скелетните мускули во крвотокот, што обично се случува само кај пациенти со заболени органи. Најзагрижувачкиот молекул кој влегува во крвотокот за време на трката е ензимот тропонин. Молекулите на тропонин ги има во крвта во многу мали количини, (кај пациенти) секое покачување може да биде основа за грижа и предзнак за срцев напад. На маратоните околу три четвртини од тркачите ќе имаат абнормално ниво на тропонин во крвта. Тропонинот сам по себе не прави никаква штета, туку тој е маркер дека срцето претрпело траума.

Она што треба да се каже е дека мнозинството од маратонците, ќе ги надминат овие промени и можат да очекуваат комплетно закрепнување во следните неколку денови.

- Еден од најчестите симптоми кај маратонците е чувството на зашеметеност по трката. Причина за ова е падот на нивото на натриум, кое се случува заради недоволно или премногу внесување вода за време на трката. Ова пак преку комплексен механизам може да предизвика ширење или собирање на мозокот.

- Дел од маратонците по завршувањето ќе имаат и проблем со уринирање крв, што е последица на деградација на мускулите предизвикана од екстремниот напор. Кога мускулното ткиво е оштетено, тоа во крвоток ослободува миоглобин, кој во основа функционира слично како тропонинот во однос на срцето. Миоглобинот се филтрира во бубрезите, а неговото присуство во урината прави течност да добие црвеникава боја.

13 ноември 2013 - 21:30