Околу неверојатната теорија дека Трамп е руски шпион контролиран од Москва

„Трескавичното бладање на либералите на тема Трамп-Русија достигна статус на пародија“ е насловот на колумната на Метју Валтер во магазинот Вик, инспирирана од обемната главна сторија на новиот број на Њујорк магазин, чиј краен заклучок е дека актуелниот американски претседател од 1987 е агент на руската влада.

Еден од клучните делови во завера е твит од 5-ти април 2013, во кој Трамп дава криптичен одговор на твит од сметка со име @_Mickey_Mouse. Во него Трамп пишува "Thanks Basil". За жал оригиналниот твит на кој тогаш бизнисменот Трамп одговара повеќе не постои, како и Твитер сметката на која и одговара.

Кој и да бил ’Бејзил’, извонредно ги има скриено своите траги.

„Ама не доволно добро. Предвид треба да се земат и очигледните докази. ’Бејзил’, секако, е западна верзија на ’Василиј’ едно од најчестите руски машки имиња. Св. Василиј е името на катедралата која е најиконското парче руска архитектура, а исто така е светец заштитник на Русија и популарен симбол на реакционерниот национализам. Оперативец на Кремљ, секако, ќе внимава да избере Твитер име кое нема на може лесно се поврзе со неговиот работодавец; тој ќе избере нешто поблаго, кое ќе звучи американски. Што подобро одговара на овој опис отколку цртан лик кој помогна да се добие Втората светска војна? Ќе си помислиш, само да беше Трамп малку повнимателен, ќе знаеше да избегне користење на името на оперативецот во јавност.

Но сето ова е недоразбирање. Ако има нешто што научивме околу шаблонот на соработка меѓу Трамп-Русија и однесувањето на мешавината од он-лајн националисти, бели расисти, аниме нацисти и форчан мемери, тоа е дека тие не можат да одолеат на правење интерни шеги и нивно вметнување во божемски мудри референци во нивната комуникација.

За ова треба предвид да се земе поширокото значење на датумот на твитот на Трамп. На 5-ти април, година господова 1242, големиот руски генерал Александар Невски ги поразува Тевтонските витези на езерото Пејпус во славната Битка на мразот, во настан кој е со огромно значење за националистите кои ги сметаат витезите за претставници на пра-либералната тенденција за глобализација која е веќе присутна во европската култура во Средниот век.

Но зошто на тој ден во 2013, од сите можни години? Што е значењето на јазот од 771 година? Ве молам. За неукиот лаик ова изгледа збунувачки. За некој што ја разбира култура на онлајн неореакционерните ликови, опседнатата со технологија, сето ова е очигледно (и донекаде занимливо). Како што знае секој програмер, 771 е кодот што се користи во ДОС за пишување текст со руска азбука. Со други зборови, ова е ретро расистичка шега, чија што важност несомнено не би му била посебно значајна за Трамп, иако е битна (и апсолутно смешна) за ’Бејзил’.

Но сето ова е одвраќање внимание од вистинското прашање, а тоа е за што точно разговарале Трамп и Бејзил. Сепак, веројатно ќе мине доста време пред најголемиот дел од нас да дознаат, ама тоа не значи дека Роберт Милер веќе не знае. Изгледа дека сметката на Бејзил е суспендирана од Твитер, што може да е резултат и на судски налог. Можно е и извори блиски до Милер да му имаат кажано на Чаит (авторот на текстот во Њујорк магазин) дека би било најдобро ако Бејзил, чија комуникација со претседателот и останатите Твитер сметки поврзани со Кремљ се во постапка да бидат повратени и анализирани, за сега да остане тајна. Од друга страна, можно е дека ниту Чаит ниту Милер не обрнале посебно внимание на оваа размена, а во тој случај јас би сакал да им го посочам овој малку забележан но очигледен пример на соработка - што е уште еден дел од џиновската, налик нерешлива сложувалка,“ пишува Волтер.

 

Mапата објавена од Њујорк магазин

Целата оваа завера Волтер успева да ја состави користејќи Твитер, Гугл и Википедија по триесетина секунди, „во надеж дека ќе ги потсетам читателите колку е лесно да се состави хипотеза која звучи уверливо ако претходно си уверен во одредени премиси, а во случајов тоа е дека и покрај недостаток на вистински факти, постои или постоела соработка Трамп-Русија.“

„Оваа премиса е општо прифатена и повторувана во американските медиуми притоа вклучувајќи ликови кои се толку неверојатни како манекенка која некогаш имала врска со олигарх кој се запознал со поранешен амбасадор од Советската ера кој го знае претседателот на Украина, за кого Пол Манафорт еднаш има лобирано многу години пред неговиот краток ангажман од страна на кампањата на Трамп, и со додавање на општи но со злокобен призвук придавки ('поврзани со Кремљ' или 'поддржани од Русија').

Кон вака напнатата клима на шпекулации додади ја загриженоста на луѓето околу еден конкретен вид на он-лајн култура позната како 'алт-десница' и секој што некогаш имал нешто со Трамп можеш да го обвиниш за сешто,“ објаснува Волтер.

Тој дава пример од пред некоја недела, кога илјадници луѓе се посомневаа дека едно, прилично неважно, соопштение од Одделот за домашна безбедност всушност е кодирана нео-нацистичка порака затоа што дел од насловот ги потсетувал на расистички слоган кој исто така содржи 14 зборови.

„Лесното влевање на нелегално заработени руски пари во економиите на Западна Европа и САД се едно од неопеаните зла на ерата по завршувањето на Студената војна. На олигарсите не им е посебно гајле кој им ги врши работите или им продава луксузни станови.

И затоа би било подеднакво лесно, ако не и полесно да се направи мапа како онаа на Чаит што ќе ги покажува врските меѓу Хилари Клинтон, руските бизнис интереси и Кремљ. Инсистирањето на Барак Обама до Димитри Медведев дека ќе биде 'пофлексибилен' по изборите во 2012 е, ако се земе вон контекст, предмет на помалку разбрани или одговорни интерпретации, далеку позлокобно отколку што било за кое Трамп или некој во неговиот круг бил обвинет. Меѓутоа вистината е дека ниту една од овие врски не е нешто посебно значителна. Сите сме на некој начин поврзани со Русија, исто како што сите сме соучесници во уништувањето на Третиот свет и злосторства против домородните луѓе бидејќи сите купуваме производи направени во странство и користиме интернет и поседуваме акции.

Исто така, моментално има толку многу информации кои им се достапни на толку многу луѓе што никогаш не било полесно да се инсинуираат врски и намери и заговори во безначајни коинциденции...

... Затоа мислам дека не вреди Њујорк магазин да се нарече неодговорен за објавување на теории на заговор. Критичарите може ќе кажат дека во време кога на претседателот изгледа како да му успева секој медиум што е критички настроен кон него да го обои како 'лажни вести', би било добро човек да се држи до фактите и вакви заговори да се остават на сајтови како ResistanceHole. Јас не се сложувам. Њујорк магазин нема никаква друга должност кон своите читатели, освен да ги забавува. Ако напрегањето да се види разликата меѓу црвената линија што поврзува двајца олигарси и зелената линија што поврзува анонимен шарлатан на Републиканците со долгогодишен донатор на партијата е твој вид на забава, тогаш уживај. Само немој да се преправаш дека тоа што го читаш е новинарство,“ порачува Волтер.