Не е лесно да се подарат 10 милијарди долари

Примерот со Пол Ален покажува дека не е лесно осмислено да се потрошат блесаво огромните пари кои ги поседува современата елита. Човекот се утепа од донирање и трошење и сепак заврши со дупло повеќе пари отколку што имаше пред да почне да донира.

Кога Пол Ален во 2010 година го потпиша тн Giving Pledge, беше еден од 40-темина милијардери кои се заветија дека половина од своето богатство ќе го дадат на филантропски каузи. Тогаш тежеше 13,5 милијарди долари.

Почина пред некој ден, поживеа 65 години и во меѓувреме даде стотици и стотици милиони долари на добри работи ширум светот. Во 2012 година магазинот „Хроники на филантропијата“ го прогласи за најдарежливиот донатор на светот, откако само за една година даде 372 милиони долари. Даде 100 милиони за групата Фронтиерс која финансира неконвенционални научни истражувања, 100 милиони долари за борба против Ебола, 50 милиони долари за школа за компјутерски науки... Во 2016 година донираше 296 милиони долари, односно 1,6% од своето богатство. Вкупно има дадено хуманитарни донации во вредност од 2 милијарди долари.

Плус го имаше купено Сетл Сихокс и Портланд Треил Блејзерс, беше малцински сопственик на фудбалскиот клуб Сиетл Саундерс, купи 18,5% од Дримворкс и создаде независна филмска продукција, го отвори Ален институтот за проучување на мозокот, даваше и на Републиканците (само годинава 100.000 долари) и на Демократите. А неговата супер јахта имаше базен, кино сала и 41 апартман.

Па сепак, Пол Ален почина со богатство од 20 милијарди долари, 48% повеќе од времето кога го даде заветот.

„Тоа е знак колку е расипан американскиот систем на богатење. Човек ќе се зарекне дека ќе даде половина од богатството, ќе донира великодушно и ќе троши без стегање и пак ќе заврши со повеќе пари од што имал претходно,“ пишува Алана Семјуелс во Атлантик.

Друг пример: Мелинда и Бил Гејтс пред две години дадоа 141 милион долари за филантропски цели а тие пари изнесуваат само 0,2 проценти од нивното вкупно богатство (моментално проценето на 96 милијарди долари).

На супер богатите им оди сè подобро и подобро. Цифрите покажуваат дека приходите пред даночење на најбогатите 0.001 процент Американци, од 80-тите до денес се имаат зголемено седумцифрено. Во истиот период, приходите на долната половина од сите Американци имаат останато исти.

Американскиот даночен систем ги охрабрува луѓето да донираат но истовремено не гарантира дека дадените пари ќе завршат на вистинска адреса. Отттука, запрепастувачки е колку е тешко паметно и ефикасно а се потрошат 10 милијарди долари. Повеќето непрофитни не би знаеле што да прават со толкав подарок а јавниот интерес околу високопрофилираните донатори ги тера во грешки. Закерберг своевремено реши дад даде 100 милиони диолари за школскиот систем во Њуарк па заврши со лавина критики кон него бидејќи не ја консултирал локалната заеедница (види ја статијата: „Како заврши образовната донација на Закерберг од 100 милиони долари?“ А Црвениот крст пак, беше фатен како бадијала поарчил 500 милиони долари од донациите за Хаити.

Донирањето не е само пишување чекови туку е поврзано со цел ланец на адвокати, консултански фирми и слично. Само на една фирма Ален има дадено 2,5 милиони долари за консултации каде да ги донира парите.

Да не заборавиме уште една - нам битна - карактеристика на Пол Ален. Човекот многу беше по музиката. Квинси Џонс химселф има кажано дека Ален знае да свири и да пее како Хендрикс. Ете го:

 

17 октомври 2018 - 15:27