Принцот-престолонаследник Мухмаед бин Салман потпиша меморандум за разбирање со јапонската Софтбанк за производство на соларна енергија со вкупен капацитет од 200 гигавати.
Проектот треба да е комплетиран до 2030, и ќе чини 200 милијарди долари. Ова за околу 3 пати ќе го зголеми вкупниот капацитет на Саудиска Арабија за производство на електрична енергија од денешните 77 гигавати.
Со користење на најнапредната денешна технологија на сончеви колектори, за да генерираат 200 гигавати соларните панели ќе треба да покријат површина од околу 5 илјади километри / квадратни. За споредба, Македонија, има површина од неполни 26 илјади километри квадратни.
Кога сите овие панели би биле на една локација, претпоставената површина на електраната пресликана на територијата на Македонија изгледа вака:
Според анализата на Блумберг ова не е ништо нереалистично, ако се има предвид дека само минатата година беа произведени соларни панели во капацитет од 100 гигавати.
Иако ваквите меморандуми не се никако обврзувачки (како што ќе каже еден аналитичар „сум имал пообврзувачки договори за одење на кафе“) сепак во прашање се Јапонци и крајно амбициозниот принц-престолонаследник, кој веќе некое време освен што се утврдува како најмоќниот човек во земјата, прилично е упорен во изградба на соларни електрани. Плус Саудиска Арабија е земја со бескрајни пустелии, сонце и пари, трите клучни состојки за ваквиот подвиг.
Иако се уште нема технички детали околу проектот, соларните панели најверојатно ќе биде разместени на повеќе локации низ земјата, наместо создавање на една мега-електрана.