Двајца тешкаши експерти на тема екологија, шуми и глобално затоплување во журналот Нејчр го осудија Бонскиот предизвик (проектот за заштита и обновување на 1,3 милијарди квадратни километри шума низ светот) бидејќи според овој план околу половина од планираното пошумување ќе биде изведено со создавање плантажи со еден тип на дрва, главно употребливи во индустриски цели. Според нив, иако ова ќе помогне во достигнување на зацртаниот квантитет на нови стебла, истото нема да придонесе многу околу „еколошките цели“ на инцијативата.
„Иако се корисни за локалните економии, плантажите со дрвја се многу послаби во задржување на јаглерод диоксидот отколку природните шуми.
Редовното сечење и расчистување на плантажите го ослободува задржаниот ЦО2 назад во атмосферата на секои 10 до 20 години. Наспроти ова, природните шуми продолжуваат да го чуваат јаглерод диоксидот со децении,“ објаснуваат Сајмон Луис и Шарлот Вилер во текстот за Нејчр.
На страна ЦО2, природна шума, наспроти садените плантажи, значи поголем број животински и растителни видови, сенка, користење и создавање хранливи материи за околината, одржување на земјиштето на кое се наоѓа, спречување на поплави и слично.
Иако севкупно бројот на површина под дрвја во светот е пораснат за 7% во периодот од 1982 до 2016, само 9% од земјиштето на планетава што не е под мраз е покриено со шума која не била допрена или која минимално била искористена од луѓето.
Аргументот во корист на плантажите за дрвја е дека младите дрвја се многу побрзи во заробување на јаглерод диоксидот, но според Луис и Вилер, зрелите, природни шуми се 40 пати подобри од плантажите во складирање на јаглерод диоксидот и шест пати подобри од агро-шумарството (каде различни култури и дрвја се одгледуваат заедно).
„Нашиот главен приоритет е да го заштитиме тоа што го имаме. Втор приоритет е да обновиме; на дрвјата им требаат 30 години за да го апсорбираат целиот ЦО2 што можат да го апсорбираат, затоа не можеш да споредиш ново дрво со постоечко дрво или постоечка шума во која има биодиверзитет и сè,“ објаснува ко-основачот на непрофитната ВиФорест.