Дејвид Корн од Мадер Џоунс прашува што се случи со скандалот дека Русија ги наместила американските избори, нешто што на крајот од мандатот на Обама, беше потврдено од сите американски разузнавачки агенции. Консензусот постигнат во последните денови од заминувањето на администрацијата на Обама, беше дека руското разузнавање по наредба на Путин ги има хакнато мејловите на Демократската партија, а содржините им ги има предадено на Викиликс, кои потоа ги објавија.
Забелешката на Корн е дека иако комисијата за разузнавање најавила дека ќе го истражи наводното руско хакирање и дали имало недозволени контакти меѓу тимот на Трамп и Русија за време на кампањата, нејзините седници зад затворени врати не привлекле ни најмалку внимание од медиумите.
Иако од време на време (период од 20 јануари до 10 февруари) некој конгресмен ќе спомне нешто на темата, според Корн "последниве денови приказната ја изеде темница".
"Погледнете ги дневните брифинзи на Белата куќа. Откако Трамп дојде на функција, многу повеќе имаше натегања меѓу новинарите и портпаролот Шон Спајсер околу големината на толпата на инаугурацијата, бањарката на Трамп и Мелиса Меккарти во СНЛ, отколку за рускиот скандал.
Соработниците на Трамп можеби се испрашувани од комисиите за разузнавање на Конгресот, или од ФБИ, кој според новинските извештаи ја разгледува можната поврзаност меѓу советниците на Трамп и Русија, меѓутоа ништо од тоа не е главен приоритет за репортерите од Белата куќа," пишува Корн.
Како што тој забележува дури ни откако Трамп збореше на телефон со Путин, извештаите за тоа "пишуваа дека разговорот се фокусирал на тоа како односите можат да бидат подобрени, но немаше никакви индикации во јавноста дека Трамп му рекол што било на Путин околу руската интервенција во американските избори. А следните денови, репортерите од Белата куќа ништо не го прашаа Спајсер околу овој очигледен пропуст".
Иако не спори дека има голем број значителни теми за кои новинарите треба да го притискаат Спајсер и целата администрација (имиграција, забрана за влез за муслимани, Обамакеар, нов судија во Врховниот суд, Бенон во Националните совет, телефонските повици со странски лидери...) она што го зачудува е недостатокот на медиумско влијание за "руската приказна" на брифинзите на Белата куќа и пошироко.