Мајкл Мур: Трамп е на пат да победи и во 2020

Трамп може нема да го освои мнозинството од гласачите, ама како што сега стојат работите сигурно ќе го освои мнозинството гласови од изборниот колеџ, порачува истиот човек кој уште во јули 2016 беше меѓу првите луѓе од меинстрим левицата кој предвиде пораз на Хилари.

Без разлика колку го доживува како мрачно ваквото предвидување, Мур објаснува дека има план како да го спречи ова. Иако стратегијата е ширење активизам,  таа не опфаќа обраќање или разубедување на симпатизерите на Трамп, бидејќи "Хилари и онака освои 3 милиони гласови повеќе од него".

И покрај постојните иницијативи за укинување на електорскиот систем, на Мур му е јасно дека тоа нема да се случи, барем не во скоро време.

Она што според него треба да се направи за да се спречи реизборот (по негови зборови – реназначувањето на Трамп, затоа што победата не се базира на вкупниот број гласови, туку на гласовите од изборниот колеџ) е левицата да ги прибере луѓето кои и' се одметнале на последните избори. Ова се однесува на 8-те милиони гласачи кои во 2012 гласаа за Обама а сега за Трамп, и околу 7,5 милиони гласачи кои на овие избори го дадоа својот глас за Зелените и Либертаријанците.

Друг важен блок според него се младите, "секоја година 3 милиони 18-годишни стануваат потенцијални гласачи, а ние ги има израснато овие деца. Имаме израснато генерација на деца кои не ги мразат луѓето врз основа на раса или затоа што некој е заљубен во човек од ист пол".

Во општата демографија што тој очекува да биде на спротивната страна на Трамп, Мајкл Мур објаснува дека речиси 70% од популацијата во земјата се "или жени, или луѓе што не се белци, или млади на возраст од 18 до 35 години, или комбинација од трите."