На Лос Анџелес, по денешни пресметки, му требаат 6,4 милијарди долари за да го барикадира својот брег и да спречи негово поплавување.
Итноста на целиот проект во добар дел се базира на непредвидливоста на растот на морското ниво, која на пример според едни пресметки до 2050 може да порасне за 30 сантиметри, а според други може да се крене за 2 метра, ама дури за 200 години од сега.
Заради ваквата неопределивост, може да се случи растот на морското ниво да забрза па унапредувањата на инфраструктурата и одбраната од океанот да се најдат затечени и недовршени, или во полош случај уште незапочнати.
Едно од сценаријата е дека пристаништата на Лос Анџелес и Лонг бич, по некоја непредвидено голема бура би престанале да функционираат бидејќи ќе бидат под вода. На овие пристаништа се растовараат половина на контејнерите кои влегуваат во САД, и годишно носат над 60 милијарди долари во економијата на Калифорнија.
„Ако овие пристаништа не работат еден или два дена, тоа значи дека нема да може да се обраќаат возови во правец на Јута и Невада. Исто значи и дека сите бизниси кои зависат од пристаништата ќе останат без работа,“ порачува климатскиот научник Џероен Аертс, објаснувајќи дека неработењето на овие пристаништа ќе значи загуба од околу 1 милијарда долари дневно.
Препораката на Аертс за справување со претстојната поплава (кога и да е) не е повлекување, туку проширување на пристаништата уште повнатре во океанот, а новите објекти да бидат изградени на повисоко и предвид да го земат идниот раст на морското ниво.
Што се однесува на луѓето кои живеат покрај брегот и фирмите кои работат таму, решението на Аертс е обновување на плажите, односно носење песок. Тој признава дека ова е константна битка, бидејќи постојано ќе мора да го надополнуваш песокот што ќе биде повлечен од морето, ама оваа мерка останува столбот на „здравата плажа“ која пак ги штити блиските домови и инфраструктура од уништување.
Еден од научниците од Универзитетот Илиноис кој работи на проблемот, најискрено препорачува дека „најдобро решение веројатно е да му се тргнеш од патот“ на растечкото ниво на морето, ама јасно му е дека тоа не може да се случи имајќи ја предвид инфраструктура која таму е развиена и парите кои се прават.