Макрон осилен од парите што се споменуваа вети дека зданието ќе биде обновено за помалку од 5 години, истите пари послужија за полнење на насловните на весниците и магазините, и муабетите на ТВ програмите.
Тоа беше во средината на април. Во средината на јуни еден од првите луѓе на катедралата на новинарите им изјавува дека големите донатори немаат платено ни цент од ветените пари. Ова крена галама околу ветувањата на богаташите, па двајца богати донатори, семејствата Арно и Пино, пуштија по 10 милиони евра.
По ова повторно следува молк.
„За сега, ајде да го наречеме ова Парабола на исчезнувачките милијардери - приказна која стигнува до сржта на сето она што е погрешно кај модерната филантропија. Без разлика дали станува збор за фармацевтското семејство Саклер и донациите за музеите, или е спонзорството на Бритиш петрол за Британскиот музеј, најчесто сето тоа се завршува по услови и временска рамка на богатите, каде епската дарежливост крие далеку потешка зделка,“ пишува Адитја Чакарборти во текстот за Гардијан.
Одговорот на донаторите се сведува на тоа дека ја чекаат официјалната визија на француските власти за Нотр Дам, пред да почнат да ги префрлаат парите.
Додека тие чекаат и уживаат во публицитетот и славата што ги собраа по пожарот, како што објаснува Чакарборти се уште „треба да се плати платата на 150-те работници ангажирани на расчистувањето“ и да се отстранат над 300 тони олово кое е токсично и мора да се расчисти пред да почне изградбата. (Во меѓувреме трудниците и малите деца во околината прават редовни тестови на крвта за да ги проверат нивоата на олово.)
Проценката на сите вклучени во проектот е дека никој од богаташите не сака нивните пари да се искористат за негламурозни ставки како плаќање на работниците или расчистување на оловото, туку преферираат да платат за изградбата на новите споменици и останати уметнички дела кои треба да ја красат катедралата.
„За супер-богатите, дарувањето всушност е земање. Поточно земање моќ од остатокот на општеството. Милијардерите ќе добијат ексклузивен пристап до ’визијата’ за реконструкција на националното обележје и тие ќе можат да стават вето на тие планови, бидејќи ако не им се допаѓаат тогаш нема да ги пуштат парите.
Парите секогаш се најмоќниот глас, и тие го имаат. Без разлика што овие пари всушност се јавни, бидејќи францускиот закон дозволува неверојатно 66% даночно олеснување на сите донации - моќта останува целосно приватна,“ пишува Чакарборти.
Излегувајќи од реновирањето, Чакарборти потсетува дека на ист начин како што богатите го условуваат финансирањето на Нотр Дам, тие ги финансираат и политичките партии: „им даваат пари за кампањи на партиите, а потоа уживаат во субвенциите кога тие партии ќе основаат влада.“ Ова го поткрепува со фактот дека 600 богаташи донираа по 3 до 4,5 милиони евра за кампањата на Макрон (2% од сите донатори дале 40% од сите пари за кампањата), па овој неколку месеци откако стана претседател воведе остро кратење на даноците за најбогатите.