“Неотповикливо сум против легализација на марихуаната и сметам дека легализацијата ќе води кон злоупотреба и на други супстанци“, пиша во 2011 година републиканскиот спикер и конгресмен од Охајо, Џон Бенер.
Тој важеше за еден од најогорчените противници на идејата за де-криминализација на канабисот и прохибиционист од највисок политички калибар.
Медиумите пресметаа дека во годините кога неговата влијателност успеваше да ги блокира напорите за де-криминализација, околу 400.000 луѓе имаат завршено зад решетки заради занимавање со марихуана.
Сега Бенер е во истиот бизнис. Тој од 2015 година веќе не е спикер и не е еден од највлијателните вашингтонски политички тешкаши а денови објави дека влегува во бордот на директори на компанијата Акриџ Холдинг, фирма која има лиценца за производство на марихуана во 11 американски сојузни држави.
„Моето мислење за марихуаната еволвираше“, ќе каже Бенер објаснувајќи дека го сменил неговото 'неотповикливо' мислење откако увидел дека легализацијата е вистинскиот пат за Америка и светот.
Акриџ холдинг има што да очекува од него со оглед на тоа што иако канабисот е де-криминализиран во повеќето држави, на федерално ниво тој сè уште е забранет (марихуаната која е одгледана во Мериленд, мора да остане во Мериленд). Доколку се сменат законите, компанијата би можела да направи бум на пазарот поврзувајќи ги одделните капацитетите во централизирана, поефикасна компанија. А Бенер и неговите сè уште тазе врски во политиката би можеле многу да помогнат во дефинирањето на пожелната легислатива.
Се разбира, ваквиот коперникански пресврт на Бенер не треба да се генерализира. Има земји во кои доста се цени континуитетот. На пример, ако еднаш те бивало со странски инвеститор, ќе те рачунаат за тоа и во иднина.