„За мене, да се живее во состојба на испитување, неутралност, надвор од големите догми и големи убедувања, е добро за пишувањето песни и за животот, воопшто. Затоа ми станува непријатно близу големите идеологии кои самите се брендираат како „Вистината“ и „Правиот пат.“ Во тоа не се вклучени само повеќето големи религии туку и атеизмот, радикалните дво-партиски политики и кој било систем на мисли, вклучително и „разбудената“ култура, кои енергијата ја црпат од самопрогласени праведнички уверувања и сузбивање на спротивставените системи на мислење. Без оглед на доблесните интенции на многу „woke“ теми, недостатокот од скромност и патерналистичката и доктринарна сигурност во сопствените тврдења е она што ме одбива.
Антифа и крајната десница, на пример, со нивната рутина на улични борби, играње улоги и парадни облекувања учествуваат во бизарно еротичен, насилен и заеднички само-одржлив модел кој се крепи со слепи, ригидни убедувања. За ништо тоа не е добро, освен за потпалување на сопствената праведност. Новите Атеисти и нивните посветени опоненти се дел од една иста динамика.
„Разбуденоста“, со сите нејзини доблесни страни, како идеологија е комплетно имуна и на најмала сугестија, дека само за една генерација, нивните неумоливи верувања ќе се покажат како старомодни и погрешни. Усто како на генерацијата пред нив.
Со ова не сугерирам дека не треба да имаме свои уверувања или пак дека не треба да бидеме гневни од состојбите во светот, или дека не треба да се бориме за да ги исправиме неправдите. Уверувањата и гневот можат да бидат моќни изрази на универзалната љубов. Меѓутоа, моја задача како пишувач на песни не е да го спасам светот, туку да ја спасам неговата душа“.